Ризикот од катастрофа во нуклеарна централа во Украина поради борби или губење на надворешно напојување останува висок, и покрај тоа што заканата не е во фокусот на вниманието, изјави шефот на германската Федерална канцеларија за заштита од радијација.
Инге Паулини рече дека постои значителен ризик да се случи несреќа што ќе има далекусежни последици сè додека војната продолжува.
Речиси една година по почетокот на војната, оваа опасност веќе се чини дека се повлекува во позадината на јавната свест, истакна таа во интервју за ДПА.
Освен директен напад врз нуклеарка, Паулини рече дека најмногу е загрижена поради ризикот поврзан со дефектите на напојувањето.
Ако надворешното напојување со електрична енергија на нуклеарната централа се прекине, а резервните извори исто така не успеат, тоа може да доведе до нуклеарно топење.
Електричната енергија е апсолутно неопходна за безбедно работење, изјави Паулини.
Можно е, нагласи таа, борбените операции повторно да предизвикаат проблеми со снабдувањето со електрична енергија на нуклеарните постројки.
Во меѓувреме, продолжува тензијата околу нуклеарната централа Запорижја во југоисточна Украина, која е окупирана од Русија. Минатата година, нуклеарката – која е најголема во Европа – беше постојано гранатирана и имаше проблеми со снабдувањето со електрична енергија.
Паулини верува дека притисокот за безбедносна зона околу централата во Запорижја – како што бара Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) – е најдобриот начин на дејствување.