Лавина коментари на социјалните мрежи и осуда од Здруженијата за човекови права, „Хелсиншкиот комитет за човекови права“, Здружението „Медуза“ и „Цивил“ – Центар за слобода, по споделувањето на извесно интервју на јутјуберот Лазаров со Драган Павловиќ Латас. Во интервјуто Латас раскажува за неговото прво сексуално искуство и зборува дека станувало збор за силување во автомобил „Фичо“. Силувањето било масовно а тој бил еден од учесниците „под присила“. На видето се спомнуваат и шлаканици на девојката, за „полесна возбуда“ на еден од учесниците во силувањето.
Згрозени од оваа изјава на Латас, Здруженијата повикуваат на одговорност, со оглед на тоа што признанието за силување е кривично дело.
„Згрозени сме“, „ова е монструозно“, „Силувањето е казниво“ се само дел од коментарите на социјалните мрежи.
Крајна осуда и згрозување пристигна и од организацијата Цивил – Центар за слобода. Од таму најавија дека ќе побараат законска одговорност врз основа на јавно признание за кривично дело.
Јавноста бара да се забрани јутјуб каналот на Лазаров, како и правна одговорност и забрана за јавна професија на Латас.
Иако снимката јавно циркулира и јасно се слуша и се гледа што зборува, тој на неговиот фејсбук профил напиша дека тоа не го кажал и ги нападна Здруженијата, прогласувајќи ги за нелегитимни.
А.В. / НоваТВ