Генералната управа на Државниот архив на Албанија објави два документа кои покажуваат дека количината злато што кралот Зогу ја зел кога ја напуштил Албанија во април 1939 година е многукратно поголема отколку што се знаело досега.
– Според Архивот, овој нов историски факт се очекува да побуди многу дебати, бидејќи документот е извлечен од фондот на фашистичката милиција и доаѓа во форма на извештај. Во документот потпишан од Ѓон Луша стои дека на 8 април 1939 година кралот Зогу ја преминал границата со Грција со 250.000 златни наполеони, со 60.000 Абдурахман Мати и по 40.000 златни наполеони носеле генерал Арамити и министерот Муса Јука, пренесуваат албанските медиуми
Директорот на Архивот, Ардит Бидо, вели дека тајниот документ кој покажува колкаво количество злато кралот Зогу однел со себе по напуштањето на Албанија во 1939 година, бил објавен откако веќе бил проучен од стручните лица во установата.
Гостувајќи во емисијата „Сега“ на Еуроњуз Албанија, Бидо рече дека во овој документ албански државјанин ја пријавува на фашистичката милиција количината злато што кралот Зогу го зел, врз основа на информациите на грчката страна, откако тој ја преминал границата.
Додава дека Архивот секојдневно објавува документи, што е дел од неговата активност и нема конкретна причина зошто некој документ излегува во одредено време и нагласува дека вработените во секојдневната работа гледаат документи кои се малку проучени или воопшто не се изучувани.
– Следствено, овој документ беше објавен пред неколку дена во пресрет на нашата промоција. Станува збор за документ, каде албанскиот државјанин по име Ѓон Луша пријавил до фашистичката милиција дека според информациите добиени од грчка страна, кога кралот Зогу ја преминал границата на Капштица кон Грција, имал количина од 250 илјади наполеони злато. Се наведуваат и други достоинственици кои го придружувале кралот, нагласи тој.
Според Бидо, во архивата има илјадници датотеки кои истражувачите никогаш не ги отвориле, што подразбира дека и не се обработени.
Ахмед Зогу од 1922 до 1924 бил премиер, од 1925 до 1928 претседател, додека од 1928 до 1939 крал на Албанија. Во 1939 година кога на албанска територија се истовариле 30.000 италијански војници Ахмед Зогу избегал од земјата.
Најпрвин побегнал во Египет од каде што допловил до Велика Британија каде што со своето семејство живеел во Лондон, а извесно време во 1941 година и во Бакингемшир. По Велика Британија, тој се преселил во САД каде што во 1951 година го купил имотот Нолвуд во Мутонтаун за 102.800 долари, но многумина сметаат дека за 60-собниот имот како замок платил со вреќа полна со дијаманти и рубини. Во 1955 година тој го продал имотот.
Неговото конечно животно одредиште е Франција. Таму живеел до крајот на својот живот. Во 1961 година бил пренесен во болницата Фох во Сенските Висови каде што на 9 април починал на 66-годишна возраст. Неговите мошти во Албанија беа пренесени во 2012 година.