Претседателот Стево Пендаровски вчеравечер присуствуваше и се обрати на отворањето на изложбата на 54. Светска галерија на карикатури – Скопје 2022 и на Остен биенале на цртеж Скопје 2022 во Чифте амам при Националната галерија на Република Северна Македонија.
На изложбата се поставени дела на наградени и селектирани автори, а на настанот беа доделени награди за најуспешните уметници, како и признанија на партнери и соработници на „Остен”. Претседателот Пендаровски ја врачи наградата ГРАН ПРИ на Остен биенале Скопје 2019 на уметникот кој доаѓа од Израел, но е роден во Скопје – Мати Грунберг, кому оваа награда поради пандемијата на Ковид-19 досега не му е официјално врачена.
„Во време во кое новите технологии и комуникациски канали преовладуваат во секоја сфера, па и во уметностите, и покрај интензивниот развој на дигитализацијата, карикатурата опстојува и продолжува да фасцинира и да привлекува внимание и интерес токму затоа што во нејзе е вградена основната мисија на уметноста – да биде критичар и коректив на секоја општествена и човечка аномалија и да ги разоткрива она што некој од позициите на моќ би сакал да го наметне или да го прикрие.
Авторите на карикатурата преку својата вештина за цртање и длабочината на пораката, низ само еден цртеж изразуваат ставови и пораки кои се вистински „остен” што боде онаму каде што најмногу боли, во општествените рани, ослободувајќи го човештвото од лагата и лицемерието“, вели Пендаровски.