Земјотрес со интензитет од 5,2 степена денеска ја погоди провинцијата Ниџде во централна Анадолија, соопшти Центарот за следење на земјотресот Кандили.
Епицентарот на земјотресот се наоѓал во областа Бор, околу 350 километри западно од подрачјето кое беше уништено од катастрофалните земјотреси во Турција и Сирија на 6 февруари.
Од синоќа најмалку седум земјотреси се регистрирани во Турција со јачина од четири степени, објави турската агенција за катастрофи АФАД.
Градоначалникот на градот Ниџде, Емрах Оздемир изјави за државната телевизија ТРТ дека засега сè уште нема информации за евентуални жртви и причинета материјална штета.
Сирија денеска, исто така, објави дека во изминатите 24 часа регистрирала 61 нов потрес. Два земјотреса се регистрирани и во Северен Ирак, јави ирачката државна новинска агенција ИНА.
Првиот е забележан рано денеска во ирачката северна провинција Нинива, а вториот во Ербил, главниот град на автономниот регион на ирачкиот Курдистан. Нема извештаи за жртви или причинета штета.
По големите земјотреси што ја погодија Турција на 6 февруари, се случија повеќе од 9.600 последователни потреси. Орхан Татар од АФАД истакна дека земјотресите би можеле да продолжат да го тресат тлото во следните две години.
Бројот на загинати во Турција од катастрофалните земјотреси надминува 44.200 луѓе. Во соседната Сирија, загинаа најмалку 5.900 луѓе, што значи дека вкупниот број жртви во двете земји изнесува над 50 илјади. Повеќе од половина милион луѓе се евакуирани од погодената област во Турција.