Финскиот министер за надворешни работи Пека Хависто денеска изјави дека Унгарија има намера да испрати парламентарна делегација во Финска околу 9 март за да разговара за членството на оваа скандинавска земја во НАТО, пренесува МИА.
Унгарија и Турција се единствените земји членки на НАТО што допрва треба да ги ратификуваат барањата на Финска и Шведска за пристапување во Алијансата.
Шведска и Финска аплицираа за приклучување кон Алијансата минатата година откако Русија ја нападна Украина, но се соочи со негодување од Турција.
Унгарија соопшти дека наскоро ќе даде „зелено светло“ за прием на нови членки, додека Турција тврди дека Шведска не направила доволно за да ги смири нејзините безбедносни грижи.
Турција на неодредено време го откажа трилатералниот механизам со Шведска и Финска за нивните обиди за влез во НАТО, откако Расмус Палудан, лидерот на данската екстремно десничарска политичка партија, запали примерок од Куранот пред турската амбасада во Стокхолм во јануари.