Српскиот политички аналитичар Жељко Ињац смета дека Заедницата на српски општини (ЗСО) е единствениот гарант за основните човекови права за Србите на Косово и дека е неопходно Западот и Брисел да дадат такви гаранции.
Тој во разговор за „Локално“ вели дека има безброј напади врз српското цивилно население и дека загрозени се животите и имотот на Србите на Косово.
-Нема сличност меѓу позицијата на Албанците во Македонија и Србите на Косово и Метохија. Кога Македонците ќе протераат 200.000 Албанци и ќе урнат најголем број од нивните верски места и гробишта, ќе им го узурпираат имотот, тогаш Албанците во Македонија ќе имаат причина да бараат Заедница на нивните општини, дотогаш ова е едноставно големоалбанска аспирација, оценува Ињац.
Околу предлогот на партијата Алтернатива за Заедница на албански општини во Македонија налик на ЗСО, аналитичарот вели дека позицијата на Србите на Косово не е споредлива со положбата на Албанците во Македонија.
-На крајот, нема обврзувачки документ за државата Македонија да обезбеди некаков посебен статус на Албанците во Македонија, за разлика од бриселскиот договор, кој Албанците на Косово и Метохија го игнорираат десет години, порачува Ињац.
Додава дека Албанците во Македонија не само што учествуваат во секоја влада, туку честопати се на врвот на одлучувњње за судбината на Македонија, дури и на штета на македонските национални интереси.
-Воведувањето некаков посебен статус на албанските општини во Македонија само би довело до дополнителни конфликти со мнозинското население, смета аналитичарот