Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески во гостувањето во ТВ21 кажа дека политичката одлука на ВМРО-ДПМНЕ е да не учествува на координација.
-Уште поголем хендикеп за пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е што нивниот претседател Христијан Мицкоски не е пратеник. Мислам дека им требаат консултации на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со него за да можат да носат одлуки, рече Митрески.
Тој додаде дека голем број закони останале голем период блокирани поради однесувањето на опозицијата.
-По две години чекаше во Комисија Законот за отпис на камати на граѓаните и Законот за отпис на камата на јавните претпријатија кон државите, а откако се промени законот и беа вклучени општините, тогаш тие го деблокираа законот. Блокиран е и Законот за солидарен данок, Законот за данок на добивка, има нератификувани договори од „Отворен Балкан“ кои чекаат во Комисијата за надворешна политика, потоа голем број закони за земјоделието. Мислам дека опозицијата сака да се случи инцидент. Некој од мнозинство да започне да претседава со Комисијата која има претседател пратеник од опозицијата, па да започнат турканици со фотелји, рече Митрески.