Легендарниот британски снукер играч, Најџел Бонд, кој минатата година се збогуваше со активното играње за да се посвети на новите предизвици како тренер, оваа седмица престојува во Скопје каде што ги води подготовките на македонските играчи кои ќе играат на Европското првенство во Малта од 11 до 18 март.
Најџел Бонд е освојувач на повеќе титули во својата кариера, како и финалист на едно светско првенство во снукер. Како промотор на овој спорт повеќе пати беше во Македонија, а овој пат доаѓа токму во време кога се појавува нова генерација на играчи кои го преземаат приматот во националното првенство.
Подготовките се одвиваат во новата Снукер Арена на Гран Клуб во Скопје, а покрај поединечните тренинзи со Берат Јашари, Петар Панов, Владо Матоски, Петар Колоски и Влатко Јанев, предвидено е во недела (5 март) да се одигра и егзибиционен турнир во дисциплината „6 црвени“. По турнирот кој ќе започне околу 18 часот, предвиден е коктел и прес конференција по повод заминувањето на репрезентативците за Малта, со почеток во 21 часот.