Организацијата на потрошувачи ја поддржува најновата одлука на Владата со која производителите се обврзуваат да произведуваат и да стават во промет бел и полубел леб по најмногу 33 денари.
Потсетуваат дека од нивна страна уште пред неколку дена беше посочена како неопходна, мерката за замрзнување на цените на основните продукти, меѓу кои е лебот па оттаму велат дека новата обврска е единствениот правилен чекор за поголема сигурност на потрошувачите во услови на растечка сиромаштија.
„Правата на потрошувачите при замрзнување на цените не се загрозени, напротив, сметаме дека на некој начин има поголема сигурност за потрошувачите, од аспект на нагло зголемување на цените, дури и на дневно ниво кое се случуваше во изминатиов период“, велат за „Локално“ од Организацијата на потрошувачи.
Апелираат производителите на леб да си ги преиспитаат одлуките, повикувајќи на солидарност, но пред се на одговорност во ситуација на очигледно неводење сметка за нарушениот животен стандард на поголемиот број од граѓаните.