Неговата методологија подразбира дека уметничкото дело е оригинална креација во маслена техника, акварел, цртеж или илустрација со молив, графит, мастило, туш, гваш или пастел, уметничка фотографија, графика од типот на гравура, бакрорез, дрворез, гравура врз линолеум, сува игла, литографија, скулптура…
Трагајќи по странските сликари кои престојувале или ја посетиле Македонија како географски регион и комуницирале со македонските етникуми – сите етнички групи кои живееле во посочениот период, етнички Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бугари, Грци, Муслимани од нетурско потекло, Евреи и други – креаторот на Лексиконот создава вистинска галерија на епоха и автори.
Рацин.мк во неколку продолженија ќе приопшти дел од приказните во таа богата галерија на слики, автори, инспирации и судбини, со редакциска опрема на текстот и фотографиите.
Учителот од Охрид
Проектот „Лексикон“ започна една декемвриска вечер во 2004 година. Семејството спиеше, а јас се забавував со моето омилено вечерно хоби – барање интересни слики на Интернет. Налетувам на online аукција во живо во Питсбург, Пенсилванија, САД. Меѓу разно-разни нешта, во листата на објекти за продажба се појавуваат 12-тина цртежи од гваж на хартија со опис: „Nicholas Petkovich” – цртежи од Македонија, 1928 година“. Секој од цртежите е понуден на продажба одделно со многу скромна почетна цена.
„Nicholas Petkovich? Веројатно е Никола Петковиќ, а мора да е Србин, но кој е тој? “
Посегнав кон „библијата“ на југословенската ликовна уметност „Ликовна енциклопедија Југославије, Загреб 1984 година“ – масивна книга во три тома каде што секој том има повеќе од 700 страници, во кој што се евидентирани сите југословенски сликари, без разлика колку биле познати. Но, немаше никаков запис за „Петковиќ, Никола“.
„Значи, мора да бил аматер или имаат згрешено со името на сликарот“, си помислив.
Квалитетот на делата беше запрепастувачки. Како самиот Винсент ван Гог да ги има насликано – колоритен скршен импресионизам во своето најдобро издание. Почнав да наддавам, но наддаваа и сите други – цртежите беа убави, секој од нив почна да достигнува десетпати повисоки цени од првичната проценка. Гледав беспомошно како цртежите, еден по еден одат кај некој друг и исчезнуваат засекогаш од јавноста. Ја сменив стратегијата и решив да ги насочам сите пари на наддавање на последните 3 цртежи – сцени со македонските селани во традиционална народна облека.
Стратегијата беше добра. Победив за сите три цртежи. На почетокот на 2005 година, го добив пакетот од САД и започнав да ги анализирам. Беа уште поубави отколку на фотографиите. Секој од нив потпишан со монограм „Н.П.“.
Остана прашањето „Кој е Nicholas Petkovich / Никола Петковиќ / Н.П.?“.
Почнав да пребарувам на Google со клучни зборови: „Српски сликар“ + „Македонија“ + „1920“. Google започна да враќа информации кои што ги запишував во “Excel” датотека. Тоа беше првата верзија на овој лексикон! Бев изненаден колку многу српски сликари дошле во Македонија во овој период 1900-1950 година и создале извонредни уметнички дела што веројатно се непознати за македонската јавност (или барем беа целосно непознати за мене). Списокот започна да расте: Никола Арсеновиќ, Христифор Црниловиќ, Васа Ескичевиќ, Љубомир Ивановиќ, Паја Јовановиќ, Никола Михаловиќ, Милан Миловановиќ, Бета Вукановиќ, Надежда Петровиќ … Надежда Петровиќ?… Н.П. !!!
„Чекај малку! Н.П. – можат ли овие да бидат цртежи на Надежда Петровиќ?“, си помислив.
Надежда Петровиќ (1873-1915) се смета за најважниот српски фавистист и импресионист, и најзначајна српска сликарка во тој период. Се школувала на Академијата за ликовна уметност во Минхен, каде што некои од најпознатите сликари во историјата, на пример, Пол Кле и Василиј Кандински биле импресионирани од нејзината работа. Во периодот околу 1910 година работела во Париз заедно со познатиот скулптор Иван Мештровиќ. Многу е активна во нејзината хуманитарна работа на Косово и во Македонија. Во 1902 година ја создала организацијата Круг на српските сестри со активности во Македонија. Кога започнала балканската војна во 1912 година, доброволно станува медицинска сестра и патува со српската армија низ Македонија за која е одликувана со неколку медали. Волонтирала повторно како медицинска сестра во 1914та година кога започнала Големата војна и се враќа во Скопје околу 1915 година. Умира од тифус во болницата во Ваљево во 1915 година.
Иако стилот и боите беа слични на делата од Надежда Петровиќ, имав големи сомнежи, едноставно затоа што не е можно толку многу цртежи да се појават на пазарот одеднаш од толку познат сликар. Ако ја имате целата светска среќа, можеби ќе пронајдете едно дело, но три? Впрочем, аукцијата продаваше околу 12 цртежи. Сепак, продолжив да ја негувам романтичната илузија дека МОЖЕБИ имам цртежи од Надежда Петровиќ дома. Во меѓувреме, поставив прашања за пребарување на Ebay, Artprice, Invaluable и Findartinfo за „Никола Петкович“ и чекав да вратат нешто. На крајот на 2006та година, пребарувачот на Ebay враќа резултат.
Ebay наоѓа каталог од спомен-изложба во Питсбург, Пенсилванија, која се одржала од 10 декември 1955 до 2 јануари 1956 година, на свештеникот и сликар Nicholas Petkovich (1893-1952). Каталогот дава информации дека студирал сликарство на познатата академија за ликовна уметност во Виена (каде Егон Шиле, Густав Климт и Оскар Кокошка студирале уметност), а подоцна земал часови по сликарство во Карнеги институтот за технологија во Питсбург. Петковиќ бил српски свештеник во Епископалната црква. Предговорот е напишан од влијателниот уметнички критичар од Питсбург, Волтер Рид Хови, што значи дека Петковиќ бил познат и почитуван сликар во локалните уметнички кругови.
Која била врската на Петковиќ со Македонија?
Сликите на меморијалната изложба биле од неговата подоцнежна фаза, каде што сликал на големи платна експресионистички религиозни сцени. Но, стилот и боите беа исти како неговите „македонски“ дела. Во книгата не беше ништо споменато за неговиот престој во Македонија.
Продолжив со потрагата за откривање врска меѓу Македонија и овој непознат сликар. Поставив пораки на српските уметнички блогови со молба за повеќе информации за сликарот. Во пролетта 2008 година, добив реакција.
Се викаше Милош Вујасиновиќ. Имал уметничка галерија во Филаделфија, но животот го носи назад во Србија, каде започнува одново од нула. Имал амбиција да отвори галерија од висока класа преку која би откривал скапоцени ликовни бисери, кои би ги претставил на јавноста за прв пат. Нашол колекција од 40 слики и цртежи на Никола Петковиќ од српско бегалско семејство од Кордун. Сите слики биле мотиви од Македонија, Косово и Црна Гора. Се поврзал со добро познатиот српски историчар на уметност, Сланислав Живковиќ и заедно успеале да го пронајдат потеклото на таа колекција кое води директно до вдовицата на Никола Петковиќ, г-ѓа Зора Петковиќ, која се вратила во Инџија, Војводина, во 1971 година и донела со неа повеќе од 200 слики. Дел од тие слики биле дадени како подарок на градот Инџија, дел завршиле кај приватни колекционери.
Историчарот на уметноста, г-дин Сланислав Живковиќ, е длабоко импресиониран од овој наод. Ја опишува оваа епизода во својата книга „Животот на сликите“ објавена во 2008 година и ја охрабрува општината Инџија да организира спомен-изложба. Српската јавност одеднаш го открива Никола Петковиќ. Српскиот печат е полн со написи за Петковиќ. Уметничките кругови во Србија започнуваат да откриваат стари написи за овој сликар во весниците од 1950-тите. Одеднаш, Никола Петковиќ станува српски Винсент ван Гог – запоставен во животот, повторно откриен во смртта каде добива максимална слава. Преку ноќ, Петковиќ е ставен во друштвото на најважните српски фависти од почетокот на 20ти век.
Во меѓувреме, Милош Вујасиновиќ, како и секој трговец со уметност, се обидува да ми продаде три импресивни масла на платно од неговата колекција: „Гатачка“ (иако не е насловен од сликарот, убеден е дека е жената на сликата е Македонка), „Изворот на реката Дрим“ и „Одраз од езерската вода во Охрид“.
За жал, цените што би бараше за сликите беа далеку над мојот буџет. Јас сум само еден обичен инженер со семејство и мали деца. Не успеавме да склучивме договор. Но, г-дин Вујасиновиќ ми ги дава сите информации за Никола Петковиќ. Мистеријата беше решена по 4 години пребарување.
Никола Петковиќ е роден во Инџија, Војводина на 18.08.1893 година, во богато и влијателно семејство. Во 1911 година студирал уметност на познатата Академија за применета уметност („Kunstgewerbeschule “) во Виена. Со почетокот на Балканската војна во 1912 година, се откажува од студиите и се пријавува доброволно во српската војска во воена болница.
Во периодот 1912-1916 година бил учител во Охрид. Се заљубува во Охрид и Македонија веднаш. Започнува да ги слика и црта охридските пејзажи и македонските селани во народни носии во секојдневни активности. Минува време во пештерските цркви во Охрид каде што сликал и се молел. Духовната моќ на Охрид влијае на Петковиќ и го прави длабоко религиозен.
Одеднаш неговата финансиска состојба се влошува и тој емигрира во Америка во 1916 година „со 6 долари во џеб“. Во Питсбург е прифатен од Српската православна црква каде станува свештеник. Продолжува со сликање и зема вечерни часови во Карнегискиот институт за технологија, Школата за сликање и декорација во Питсбург. Неговите дела стуваат потемни и поекспресивни. Останува непознат на пошироката јавност, но бил забележан и фален од ликовните критичари на Питсбург.
Доаѓа за последен пат во Македонија во периодот помеѓу 1927-1934 година, каде се враќа кон својот колоритен импресионизам и ги создава можеби најдобрите уметнички дела во својата кариера.
Никола Петковиќ, Слики со македонски мотиви од период 1927-34
Во 1934та година се враќа трајно во САД, каде што починал од парализа во 1952 година. Освен меморијалната изложба во 1955 година, останува заборавен во САД. Неговата сопруга Зора патува назад во Србија во 1971 година, каде носи повеќе од 200 негови слики, но покрај малата локална изложба и напис во весник, овој настан поминува во голема мерка незабележан.
Сѐ до 2008 година, кога Петковиќ е повторно откриен и гласно фален од сите уметнички критичари на Србија.
Беа потребни 4 години за да се реши тајната на „учителот од Охрид“. Целото ова искуство не беше обесхрабрувачко за мене. Напротив, ме мотивира да го проширам пребарувањето и кон сите сликари кои дошле во Македонија, и да го проширам временскиот период на 100 години; 1850-1950.
Во тие 4 години, проектот „Лексикон“ започна да се развива и се претвора од списокот во „Ексел“ во лексикон со биографии. Почна да расте и приватните колекција со уметнички дела. Ја научив лекција дека овој проект ќе биде маратон, а не спринт. Не само за Никола Петковиќ туку и за многу други сликари од овој лексикон ми беа потребни неколку години да ја пронајдам нивната врска со Македонија. Но за ова, во некоја друга приказна.
Извор: Рацин.мк