„Важно е да се признае дека постои чувство на разочараност по многу долгото чекање Северна Македонија да продолжи напред во процесот на интеграција во ЕУ“, вели во интервју за МИА шведската амбасадорка во Северна Македонија Ами Ларсон Џаин.
„Во исто време, јасно е не само дека ЕУ е најголемиот трговски партнер на Северна Македонија, туку и дека нуди убедливо најдобри изгледи кога станува збор за просперитетот, безбедноста и демократските вредности. Драго ми е што некои истражувања покажуваат и дека перцепцијата кај многу испитаници е дека ЕУ е најголемиот сојузник на оваа земја.
Мислам дека треба да запомниме и дека Северна Македонија веќе денес ужива многу суштински придобивки од нејзиниот однос со ЕУ. Како што интеграцијата во ЕУ напредува, така тоа и ќе се зголеми. На пример, Македонците ширум светот беа вклучени во напорите за репатријација на ЕУ за време на пандемијата, исто така, Северна Македонија ги ужива истите права и обврски на програмата Еразмус + за 2021-2027 година како и земјите-членки на ЕУ.
Шведска, исто така, има голема билатерална програма за реформска соработка насочена кон поддршка на процесот на пристапување во ЕУ. Ова е одраз на нашата посветеност на Северна Македонија и нејзиниот стратешки избор за членство во ЕУ. Значи, дивидендите од движењето кон ЕУ се веќе тука и ќе продолжат, но тие можеби не се секогаш добро познати. Ние во ЕУ можеби треба да бидеме самокритични со тоа што не сме ја искомуницирале ефикасно широката соработка и поддршка, оставајќи ги Македонците да чувствуваат дека се оставени, кога тоа никако не е случај“, порача Џаин.