Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес, оствари средба со парламентарна делегација од Израел во состав Хамад Амар, претседател на парламентарната групата за пријателство и соработка со Северна Македонија и Тсега Мелаку, член на парламентарната група во Кнесетот.
На средбата беа поздравени пријателските односи меѓу двете земји, а се разговараше и за понатамошно продлабочување на соработката со посебен акцент на парламентарната димензија.
Покрај овие теми, фокус беше ставен на одбележувањето на 80-та годишнина од депортацијата на македонските Евреи во нацистичкиот логор Треблинка во 1943-та година, која оваа година се одбележува со повеќе комеморативни настани.
Министерот Османи ја нагласи важноста на полноправното членство на Република Северна Македонија во Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот „ИХРА”, како јасна потврда на посветеноста на земјата не само на сеќавањето, образованието и истражувањето за Холокаустот, туку и на глобалната борба против антисемитизмот и севкупните активности за унапредување на животот на припадниците на Еврејската заедница ширум светот.