Био-технолошка лабораторија денеска беше отворена во средното училиште на Град Скопје, „Марија Кири – Склодовска“, со која треба да се доближи науката поблиску до заедницата на претприемачи и да овозможи дизајнирање на трајни решенија за комплексните еколошки предизвици. Со тоа се демократизира науката и се формира Национална иницијатива за биоотпад што ќе поттикне иновации, образование и значајни ангажмани на заедниците низ земјата во изнаоѓање решенија за заштита на животната средина и јакнење на претприемништвото и поттикнување на нови стартап бизниси.
Лабораторијата е отворена од УНДП, УНИЦЕФ, со поддршка од Град Скопје и останува на користење на училиштето, а со неа ќе стопанисува јавното претпријатие „Дрисла“.
Претставничката на мисијата на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани рече дека се надеваат оти ќе се поттикне интересот меѓу студентите да почнат кариера во полето на науките и во полето на иновации и претприемништво, што се одржливи од аспект на заштитата на животната средина.
– Тоа го слушам во секојдневните разговори со многу млади луѓе, дека и тие се заинтересирани токму за ова поле и за такви предизвици, подвлече ДиЏовани.
Постојаниот претставник на УНДП, Армен Григоријан кажа дека во 2007 година голем дел од населението живее во градовите.
– До 2050 година се очекува дека дури 60 проценти од вкупното светско население ќе живее во градовите. Токму затоа, потребно е да се најдат начини како животот во градовите да стане полесен и поодржлив за целото ова население, додаде Григоријан.