Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел и комесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, од 15 до 17 март ќе ги посетат Албанија и Северна Македонија, каде што ќе имаат средби со претставници на двете земји, соопштија од Европската унија.
Во земјава на 16-ти март, Борел и Вархеји ќе се сретнат со македонските власти, а ден подоцна ќе се одржи состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација, 16-ти по ред меѓу Скопје и Европската комисија, со кој ќе претседава премиерот Димитар Ковачевски.
На крајот од посетата на регионот, Борел во Охрид ќе биде домаќин на средбата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, на која, како што беше претходно најавено, се очекува да разговараат за спроведувањето на патоказот на таканаречениот европски план за постигнување договор за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.