Денеска можевме да се увериме дека намалувањето на цените се почитува од производителите и од трговците, и за лебот и за тестенините и за млечните производи, рече премиерот Димитар Ковачевски кој заедно со министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) Горан Трајковски претпладнево го посети супер маркетот „Рамстор“ во Капиштец.
-Намалувањето на цените на овие производи битно ќе влијае врз џебот на граѓаните. Се покажа дека владините одлуки се исправни. Лично сакам да се уверам дека се почитуваат и применуваат одлуките, колку за тоа имаат слух производителите, добавувачите и трговците. Нема да дозволиме личен профит врз грбот на граѓаните. Очекувам компаниите да имаат разбирање за општото добро. Владата продолжува да го штити стандардот и интересот на граѓаните. Носиме одлуки кои, длабоко сум убеден, ќе го подобрат животот на граѓаните, истакна Ковачевски.