Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак изјави дека прифаќањето на европскиот предлог преставува позитивна порака. Како што рече, сега е потребно да се фокусираме на анексот за имплементација на Спогодбата за нормализација на односите, што ќе биде главна тема на претстојната средба во Охрид, јави дописникот на МИА од Белград.
За да се имплементира договорот, сега треба да се одреди редоследот на следните чекори, како и роковите и кој што треба да направи, рече Лајчак на онлајн-конференцијата Европа и Русија на Балканскиот фронт, организирана од Италијанскиот институт за Меѓународни политички студии (ISPI).
-Откако е прифатен договорот, ние сме фокусирани на анексот за имплементацијата на Спогодбата, кој е клучен елемент, посочи тој.
Лајчак рече и дека целта на неговата последна посета на Приштина и Белград била да ги слушне мислењата на двете страни за споменатиот анекс и дека врз основа на она што го слушнал, до средбата меѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ и косовскиот премиер, Албин Курти, в сабота во Охрид ќе се подготви „нова консолидирана верзија на анексот врз основа на оригиналниот текст“.
-Тоа треба да биде основа на нашите разговори во Охрид и ако успееме да постигнеме договор за овој анекс, тогаш работата е завршена, рече Лајчак.
Тој оцени дека последната средба меѓу Вучиќ и Курти на 27 февруари била најдобрата досега, дека била тешка, но многу отворена и искрена.
Тој наведе и дека геополитичката ситуација е променета и дека ЕУ сфатила дека се променила и нејзината улога и на Западен Балкан. Нејзината улога, како што наведе, стана повеќе стратешка и повеќе пополитичка.
-Многу е важно да ја пренесеме пораката дека ЕУ сега е поподготвена за Балканот, веројатно повеќе отколку што Балканот е подготвен за ЕУ, затоа е исклучително важно да се разбере дека вратата сега е повторно отворена, рече Лајчак.