Актуелниот претседател на Турција, Реџеп Таип Ердоган денеска и официјално беше предложен за претседателски кандидат на изборите на 14 мај.
Апликацијата до Врховниот изборен совет (ВСК) ја поднесоа претставници на владејачката Партија на правдата и развојот и Партијата на националистичкото движење, која е дел од владејачката коалиција.
Претседателските и парламентарните избори во Турција се закажани за 14 мај, а главен противник на Ердоган ќе биде претседателот на Републиканската народна партија, Кемал Киличдароглу.
Истражувањето на компанијата „Генар“ покажува дека повеќе од 52 отсто од испитаниците би го поддржале Ердоган доколку изборите одат во вториот круг, додека кандидатот на опозицискиот блок Кемал Киличдароглу би добил 47,7 отсто поддршка, пренесува „Дејли Сабах“.
Според тоа истражување, Републиканската народна партија на Киличдароглу на парламентарните избори би освоила 23,1 отсто од гласовите, додека поддршката за коалицијата на Ердоган би изнесувала 40,7 отсто.
Вториот круг од претседателските избори, доколку биде потребно, ќе се одржи на 28 мај.