Очекувам пораката за заедништво, силна соработка и меѓусебна поддршка во зачувувањето и реафирмирањето на глобалните и европски вредности – демократијата, владеењето на правото и одржувањето на меѓународен поредок базиран на принципи и правила, силно да одекне кај секој од нас. Нема подобар начин да најдеме решенија за денешните безбедносни предизвици од тоа да бидеме заедно и здружени, особено имајќи предвид дека овие предизвици најчесто се од неконвенционална природаа.
Ова, како што соопшти Министерството за одбрана, го истакна денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска во изјава пред почетокот на првиот Безбедносно-одбранбен форум Шуман, на кој учествува на покана на високиот претставник на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел.
Петровска за форумот истакна дека е одлично место и начин да се создадат уште поблиски контакти и мрежа на чинители, и политички и стручни, кои со заеднички сили ќе можат да најдат решенија на современите безбедносни предизвици.
На работната вечера која претходеше на Форумот, насловена „Свет кој се менува: справување со заедничките предизвици“, министерката Петровска имаше формално обраќање заедно со своите колеги, министрите за одбрана на Германија, Норвешка, Шведска и на Руанда. Пред колегите министри за одбрана и учесниците на Форумот, Петровска порача дека голем дел од заедничките предизвици денес не препознаваат државни и географски граници и дека е потребна заедничка акција да се одбраниме и да ги одвратиме овие активности пред тие да станат сериозна закана за нашите општества.
-Безбедносните предизвици со кои се соочуваме денес не се ограничени на конвенционални средства. Тие се комплексни и софистицирани, се појавуваат во различни форми, комбинирајќи и воени и невоени инструменти кои се манифестираат во доменот на дигиталната технологија, сајбер напади и ширење на дезинформации. Ние мораме постојано да ги реафирмираме нашите заеднички вредности и интереси и да имаме искрена и постојана комуникација и координација, рече министерката.
Петровска, се наведува, порача дека сајбер нападите како дел од хибридните закани можат да имаат негативно влијание врз безбедноста на граѓаните и функционалноста на општествата, додека сериозен предизвик може да претставува и застојот во интеграциите на земјите и регионите, зашто тоа може да доведе до економска стагнација, политичка нестабилност и општествена несигурност.
-Северна Македонија е земја членка на НАТО и кандидат за членство во Европската Унија кој го има започнато пристапниот процес. Нашата заложба е силна, а нашата подготвеност да бидеме дел од европското семејство – видлива. Политиката на Северна Македонија е целосно усогласена со надворешната и безбедносна политика на Унијата и тоа ја покажува нашата посветеност на евроинтегративниот процес, истакна министерката.
Соработката помеѓу нациите, додаде Петровска, е најважна во промовирањето и задржувањето на вредностите, етиката и моралот кој нè обединува и само со заедничко работење можеме да бидеме пример и да инспирираме позитивни промени во глобални рамки.
Првиот форум Шуман се одржува под мотото „Заедно посилни во нестабилен свет“, а е организиран под покровителство на високиот претставник на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел. Целта на овој Форум е да ја зацврсти соработката помеѓу релевантните глобални и регионални актери во областа на безбедноста и одбраната и да биде форум на кој ќе се разговара за клучните безбедносни прашања и начините на зацврстување на меѓународниот мир и безбедност.
На Форумот учествуваат високи претставници од 27-те земји-членки на Унијата и 45 партнерски земји, вклучително и над 20 министри за одбрана, како и претставници на меѓународни и регионални организации како Обединетите Нации, НАТО, ОБСЕ, Африканската Унија, АСЕАН, Советот за заливска соработка и Лигата на арапски држави. Дел од Форумот се и голем број невладини организации, тинк-тенк организации и претставници на академската заедница, стои во соопштението.