„Нашата цел не беше само да ја внесеме само Армијата во НАТО, туку и НАТО во Армијата – со опремата која секојдневно се менува, со процедурите и процесите кои се развиваат, со кадарот кој се усовршува, со условите за работа и стандардот кој го има секој професионален војник, секој армиски подофицер и офицер, а сето ова ќе беше невозможно без раст на Буџетот на одбраната. И покрај сите економски и енергетски предизвици со со кои се соочи Владата и министрите од економските ресори, Буџетот за одбраната расте“ рече министерката за одбрана Славјанка Петровска на свеченоста за три години членство во НАТО.
Таа додаде дека согласно плановите земјава ќе го достигне НАТО критериумот од 2 отсто од БДП алоциран за одбрана веќе следната година, додека вториот критериум за одвојување на 20 отсто од одбранбениот буџет за опремување и модернизација веќе и го надминавме имајќи предвид дека во 2023 година, 33 отсто од буџетот е токму наменет за опремување.
„Тоа значи две нешта: прво дека припадниците на Армијата, оние кои секогаш и секаде се први, оние кои имаат сила, волја и мотив да му помогнат на секој граѓанин на нашата татковина, заслужено ќе работат со нова, најсофистицирана, најмодерна опрема. Второ, одвојувањето на една третина од одбранбениот буџет за опремување покажа дека Северна Македонија, најновата членка на НАТО – Алијансата се модернизира и развива со забрзано темпо, и дека после долги години неинвестирање во одбраната, денеска сме во чекор со нашите НАТО-сојузници“ рече Петровска.
Обраќајќи се на припадниците на Армијата министерката рече дека тие се наша гордост и дека секој денар вложен во нив е влог во нашата иднина и во државата.