Пишува: БИЉАНА ЈОРДАНОВСКА
Колку сериозно може да се сфати една анкета, платена со сопствени средства на институтот што ја изготвил – за потребите на истиот – наменет да го утврди рејтингот на партиите, а која освен трошоци, нема никаква придобивка.
Или можеби има?
Институт чија репрезентативна анкета се пренесува на сите медиуми блиски до десницата, не сметала дека е битно, да не зборуваме и професионално, на својата веб страница да објави детали за методологијата и начинот на кој се дошло до резултатите.
Не е ништо ново. Институтот за политички истражувања објавува резултати од телефонска анкета, како што се тврди во објавата на медиумите, со 1.114 полнолетни испитаници. Според ИПИС, ВМРО-ДПМНЕ предничи пред СДСМ и би победил доколку сега граѓаните би излегле на избори.
Претходната анкета на ИПИС, исто така, покажува дека довербата на граѓаните лежи во Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.
Двете анкети, за чија релевантност може да се дискутира, се објавуваат во специфично време. Првата, кога единствената активност на Мицкоски беше барање предвремени избори. Втората, со истата цел, но овој пат со малку променета политичка или, поточно, партиска гарнитура, по реконструкција на Владата. Се разбира, со истите позиции на Мицкоски: избори, но и уставни измени за кои ВМРО-ДПМНЕ е без дилеми против (читајте: сѐ додека тие не дојдат на власт).
Не е спорно дека ИПИС е конструирана за да му служи „независно“, на ВМРО-ДПМНЕ и со своето рогобатно име да влева доверба, сериозност, професионалност кај помалку упатените и кај оние на кои постојано им треба потврда зошто воопшто се на страната на ВМРО. Можеби за да им биде полесно, ако случајно не се остварат ветувањата на партијата за победа на избори, враќање на „семакедонското“ и „корените исконски“ од Илинден до АСНОМ.
Веродостојноста на ваквите анкети за залажување на „народот македонски“, како што милуваат од ВМРО-ДПМНЕ, да кажат, е крајно дискутабилна.
Но, манипулациите носат и неизвесности. Под претпоставка дека се целосно точни резултатите, тие укажуваат и на можниот развој на настаните и состојбите по евентуалното остварување на „прогнозите“ на ИПИС. Од една страна, ако тие се остварат, можеме единствено да очекуваме „победниците“ да ја доведат земјата во политичка состојба што ќе наликува на некое од државните уредувања во времето на историските настани на кои се повикуваат, засилено со руското покровителство и пари. Од друга страна, тука е уште поверојатната можност „победниците“ на ИПИС крајно да го разочараат своето гласачко тело, кои ќе се соочат со фактот и изјавите на ВМРО-ДПМНЕ дека НАТО и ним и оди во прилог, а ЕУ и не е толку лошо, напротив, ако сакаат подолго да останат на власт. Бугарите лесно ќе ги решат, со влегување во Уставот, нешто што сега не сакаат да слушнат да го поддржат.
Таквото ВМРО би размислувало – кога може Орбан во Унгарија, а и елитите во Бугарија, да се одржат наспроти нивниот хард-кор национализам и авторитарно и корумпирано владеење во пазувите на ЕУ, со нас уште полесно ќе биде.