Ние како Влада постојано работиме на подобрување на квалитетот на животот, особено на младите, истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната јавна дебата на тема „Иселување на млади со високо образование: Дали РСМ подготвува работна сила за земјите од ЕУ?“.
Нагласувајќи ја важноста на дебатата, организирана од Форумот за промени во образованието, Шаќири посочи дека некои студии, како онаа на Светската банка од 2020 година, покажуваат дека има зголемен обем на миграција на здравствената работна сила од нашата земја, од Србија и Хрватска во Германија.
– Заедно со Министерството за економија изработуваме пакет мерки. Во делот на тие пакет економски мерки, да најдеме начин како да ги мотивираме компаниите да го задржат кадарот што го завршил практичното образование. Но, исто така и како да најдеме начин освен мотивација, дел од платите да бидат повисоки од постоечките што се нудат на пазарот за вработување, појасни Шаќири.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој истакна дека првпат оваа година имаме веќе сто одобрени наслови за учебници за предмети во стручното образование.
– Благодарен сум на Националната комисија, што овој период има одобрено повеќе од сто наслови од различни стручни предмети, рече Шаќири.
Министерот информира дека се обезбедени буџетски средства за учебниците во основното образование, за дел во средното образование и првпат после десет годни и 26 имаме печатени учебници во стручното образование.
– А, вака како што ќе почнеме, сега сме понапредни заради тоа што имаме веќе одобрени учебници за прво, второ, трето, четврто, петто, а во постапка сме за шесто одделение. Очекувам добар дел и од учебниците во средно образование, да не кажам поголемиот дел од тие што се одобрени, да бидат испечатени, рече Шаќири/
Тој истакна дека за следната година нема да недостасува ниту еден учебник за основното и средното образование и сите ќе бидат доставени навремено од 1 септември.