„Тој се плаши од две работи“ – изјави Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, одговарајќи на новинарско прашање за тоа што се крие зад нападите од Ковачки. Таа пред камерите покажа две папки.
„Тој се плаши од овие две папки. Во едната се доказите со кои ги побивам сите негови тврдења дека кријам имот. Ова е составен дел од тужбата што ја поднесов против него, како што впрочем и ветив на македонската јавност. Се разбира, ќе барам тој судски процес да биде отворен за јавноста за да можете сите вие да видите што се случува“ – изјави Министерката Петровска, држејќи една црвена папка.
Тогаш, Министерката покажа една зелена папка за која рече дека во неа се крие товарот на минатото на поранешниот армиски офицер, а сега партиска перјаница на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
„Во втората папка се крие товарот на неговото минато, кој што длабоко го боли и за кој не може да добие НАТО сертификат. Јас не сум дел од неговото минато. Тоа што тој правел во минатото е негова одлука и за тоа треба да ги сноси последиците“, изјави Петровска.
Таа не откри детали, бидејќи се работи за заштитени податоци, но дека тој треба да открие самиот за што се работи.
„За жал, оваа папка е заштитена, но еве го поттикнувам, бидејќи секогаш е за транспарентноста во јавноста, нека се отвори пред вас и нека ви каже. Тој најдобро може да зборува за своето минато“, рече Министерката Петровска.
Министерката Петровска и армискиот врв денеска одржаа опширна и детална презентација и прес конференција за медиумите во која ги открија деталите за долгорочниот план за модернизација на армијата.
Подготвија: Џ. Д. / Б. Ј.
Извор: ЦИВИЛ Медиа