Во Бугарија утре ќе се одржат нови вонредни парламентарни избори – тоа ќе бидат петти избори за само две години. Земјата е политички понестабилна од речиси која било друга земја во Европската унија. Ниту по избори во изминатите две години не можеше да се формира стабилна влада бидејќи немаше одржливо мнозинство. Во меѓувреме, граѓаните покажуваат дека се уморни од избори, бидејќи земјата и понатаму е зафатена од корупција и зголемена инфлација.
Според анкетите и овојпат ниту една партија нема да добие апсолутно мнозинство. Дали е сè уште можно конечно да се формира стабилна влада? Како изборниот резултат ќе влијае на определбата на Бугарија, членка на ЕУ и НАТО, во екот на војната во Украина? Ова се големите прашања што си ги поставуваат многу експерти.
Повеќето луѓе во земјата сакаат само едно пред се: поголема политичка стабилност.
Анкетите покажуваат дека сојузот ПП-ДБ (Продолжуваме со промени-демократска Бугарија) е изедначен со алијансата ГЕРБ-СДС, предводена од поранешниот премиер Бојко Борисов, кој беше на премиерската функција речиси непрекинато од 2009 до 2021 година.
ПП (Продолжуваме да се менуваме) е либерална партија чиј лидер Кирил Петков беше премиер неколку месеци во 2022 година.
Резултатите од истражувањето на јавното мислење покажуваат дека и двата сојуза имаат околу 26 отсто од гласовите за поддршка, но се уште не се знае кој ќе ја формира владата, особено што не се знае дали некои помали партии ќе го поминат цензусот од четири отсто.
Овие избори веројатно нема да резултираат со некоја голема промена за Бугарија, која се бореше да формира трајна владина коалиција, што доведе до повеќекратни предвремени избори од април 2021 година.
Г. Т.