Процесот на евроинтеграција на Северна Македонија не смее да запре и верувам дека ќе преовлада разумот кај сите политички субјекти во државата и тие ќе го разберат историското значење на овој момент, порача словенечкиот премиер Роберт Голоб на денешната заедничка прес-конференција во Љубљана со неговиот македонски колега Димитар Ковачевски.
Како што јави известувачот на МИА од Љубљана, Голоб посочи дека промената на Уставот е тежок процес, кој мора да се случи, како и дека станува за историска можност која нема врска со партиска припадност, но потенцира дека евроинтегративниот процес на Северна Македонија не смее да запре со внесување на дополнителни билатерални прашања во агендата.
Верувам дека тоа е тешка задача, но се надевам дека ќе преовлада разумот во Северна Македонија кај сите политички субјекти и дека тие ќе го разберат историското знаење на овој момент и дека овој процес мора да биде завршен што побрзо како што е предвидено. Се работи за историска можност која нема врска со партиска припадност, туку има врска со иднината на целиот македонски народ. И затоа сметам дека партиите тоа мора да го имаат предвид. Словенија на кој било начин ако може да помогне, дали со дијалог или со презентација, тоа ќе го направи, рече Голоб.
Ние, додаде тој, ќе стоиме цврсто на ставот дека сегашниот процес на преговори не смее да запре со внесување дополнителни билатерални прашања во агендата.
-Ќе инсистираме да одиме понатаму со оние процеси кои веќе беа договорени со промената на Уставот и дека не смее да се внесуваат од друга страна никакви дополнителни барања во процесот на продолжување на преговори. Овој аспект е многу значаен бидејќи, за жал, се покажа дека соседите, и ние имавме такво искуство, се обидуваат да добијат нешто повеќе од државата и тука ќе стоиме на овој став, рече словенечкиот премиер.
Тој изрази надеж дека до крајот на ноември ќе се исполнат сите услови и дека во декември ќе биде констатирано дека Северна Македонија ги исполнила сите услови од договорот.
Северна Македонија, како што рече, е еден од позначајните фактори на стабилност во Западен Балкан и единствениот начин на стабилизација на регионот е неговото приклучување кон Европската Унија.
Премиерот Димитар Ковачевски истакна дека граѓаните во Северна Македонија ја препознаваат својата улога во регионалениот и европскиот контекст.