Поранешниот американски претседател Доналд Трамп сега е и официјално уапсен.
Ова е преседан во американската историја, бидејќи за првпат некој поранешен американски претседател е уапсен за сторено кривично дело.
Како што пренесува Скај њуз, на Трамп не му биле ставени лисици на рацете по барање на неговата придружба од тајната служба.
Додека Доналд Трамп го чека своето сослушување во зградата на судот на Менхетен, адвокатката Џули Ренделман, која е специјализирана за кривично право, изјави дека „никогаш не помислила дека ќе доживее ваков ден“.
Искрено не можам да верувам што се случува денеска. Навистина не можам, изјави таа од Њујорк.
Трамп се соочува со 34 точки од обвинението во врска со измамата околу тајните пари што тој наводно ги платил за прикривање на вонбрачни афери. Трамп е обвинет дека и платил на порно ѕвездата Сторми Даниелс да молчи за нејзината врска со него пред неговата претседателска кандидатура во 2016 година.
Адвокатката вели дека еден од проблемите со овој случај е тоа што обвинителите мора да докажат во смисла на кривично дело дека Трамп го направил тоа поради кампањата. „Има многу пречки што обвинителството треба да ги надмине за да го прогласи за виновен без разумно сомневање“, рече таа.
Откако заврши овој дел од постапката, се очекува Трамп да се појави пред врховниот судија Хуан Марчан, каде треба да се изјасни по обвинението за давање поткуп во 2016 година, а потоа се очекува да биде пушптен да се брани од слобода и да замине на својот имот на Флорида.
Г. Т.