Сметаме дека е изречена една висока казна за дела коишто во текот на целокупната постапка како одбрана наведувавме дека нема елементи на истите и не се исполнети законските битија. Ова за нас не е конечна пресуда, дефинитивно ќе го искористиме законското право на жалба, најави одбраната на Марјан Стаменковски по објавувањето на пресудата против него денеска во Основниот кривичен суд Скопје.
Како по однос на жалба на пресудата, одбраната, исто така, најави и жалба на решението со кое е продолжен притворот на Стаменковски.
– Со оглед дека навистина е влошена здравствената состојба и има добиено шеќер. Веќе влегува во некоја група на инсулинска терапија, каде што дефинитивно третманот не може да биде соодветен во условите каде што моментално се наоѓа, изјави бранителката на Стаменковски, адвокатката Марија Петрезанова.
Петризанова, исто така, посочи дека во однос на тоа дека постојат елементи за чисти навреди и клевети, од страна на оштетените не биле поднесени соодветни граѓански постапки за граѓанска одговорност.
– Конкретно за овие оштетени, кои се јавуваат во оваа постапка не претходеа претходно постапки за граѓанска одговорност, а за останатите не сме запознаени, изјави Петрезанова.