Претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети денеска се сретна со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килијан Вал.
Ахмети го информира Вал дека владејачката коалиција ги започнала подготовките за уставните измени и изготвила план за нивно спроведување, соопшти ДУИ.
Ахмети му се заблагодари на амбасадорот Вал за постојаната поддршка што ОБСЕ ѝ ја дава на земјава, а се разговарало и за претседавањето на Република Северна Македонија со оваа организација.
– Претседавањето со ОБСЕ ќе придонесе за нова меѓународна позиција на земјата, а индиректно ќе има можности да се манифестира институционалниот капацитет што се очекува од Северна Македонија како членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ. Реформите кои се одвиваат во земјава, скрининг процесот како и потребата од уставни измени, беа и тема на разговор меѓу Ахмети и Вал, како неодолива потреба земјата да го продолжи процесот на евроинтеграции, додека Ахмети го информираше Амбасадорот Вал за фронтот на заедничко европско кој има за цел да го финализира овој процес со членство во Европската Унија, се наведува во соопштението.
Ахмети и Вал разговарале и за постигнатиот договор меѓу Косово и Србија во Охрид, како единствена можност за мир и просперитет не само на Балканот, туку и пошироко.