Во услови на енергетска криза АД ЕСМ во период од 1 октомври 2022 до 31 март 2023 година имаше вкупно домашно производство од 2.696.000 MWh, односно 222.131 MWh повеќе, за разлика од истиот период во 2017 година, кога немаше енергетска криза, кажа премиерот Димитар Ковачевски презентирајќи го годишниот финансиски извештај на АД ЕСМ за 2022 година.
-Планирано беше да се набави електрична енергија од 392.430,00 MWh во вредност од над 146 милиони евра. Но, АД ЕСМ со зголеменото производство и заради зголеменото производство набави помалку, односно 175.750 MWh електрична енергија во вредност од околу 48 милиони евра, што е заштеда од скоро 98.5 милиони евра. Ова значи дека кризата ја претворивме во можност, рече Ковачевски.
Според него, уште еден позитивен податок е што во февруари годинава, споредено со февруари 2022 година, 80% е зголемено производството на струја од производствените погони на АД ЕСМ.
-ЕСМ на 12 февруари произведоа и испорачаа во електро-енергетскиот систем скоро 23 илјади MWh електрична енергија. Ова е највисоко дневно производство во последните 10 години во државата, додаде премиерот.