Изненаден сум од реакциите на оние кои буквално своите политички кариери ги изградија на тема дивоградби и урбанизација. Очекував силна поддршка бидејќи Иницијативата е решение за проблем кој сите не засега. Жалам што кај некои политичката мотивација за критика е посилна од потребата од решение на горлив проблем, вели Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски во интервју за „Локално“.
Иницијативата, според него, е целосно легитимна и може да се спроведе со добра волја на институциите.
-Министерот Лога смета дека има правна основа за истата, а слични закони важат во многу земји вклучително и во соседството како во Албанија. Оттаму, носењето на овие измени во законот ќе имаат повеќе позитивни ефекти. Освен што ќе го штедиме буџетот за рушење, ваквиот закон ќе значи силна превенција од идни дивоградби. Оние кои се дрзнуваат сега да градат без дозвола на диво, два пати ќе размислат во иднина дали тоа ќе го направат ако знаат дека може да вложат многу пари, а потоа да го изгубат имотот. Јас продолжувам со презентација на иницијативата кај најдлежните министри, а потоа и во владата и ќе барам конкретен акциски план за имплементација и структурирање на ефикасен и функционален закон од кој на крај бенефит ќе имаат сите граѓани, истакна Герасимовски.