Реакција на официјалната Фејсбук страница на Филхармонија на изјавата од министерката за култура Костадиновска Стојчевска за одлуката на Владата за времено сместување на новоформираната НУ „Оркестар за џез музика“ во просториите на Филхармонијата.
„НУ Македонска филхармонија цели 73 години, „привремено“ работеше во повеќе објекти, а најдолг стаж на потстанар имаше до Домот на АРМ. Музичарите работеа во супстандардни услови, но тоа, ниту во еден момент не се одрази на музичката изведба, напротив секогаш беше дополнителен поттик и мотив за музичарите во оркестарот кои безрезервно се даваа на сцената, без разлика дали прокиснуваше кровот, немаше доволно простор на сцена, мирисаше на влага… И публиката, иако седеше на неудобни, искривени и искинати столчиња уживаше во секоја изведба, и се радуваше на секој следен концерт.
Деновиве по медиумите, но и на социјалните мрежи се пласираа куп невистини и лаги, навреди и дезинформации со една единствена цел – да се уништи угледот и реномето на најстарата институција во земјата која следната година прославува 80 години од формирањето. Не’ обвинија дека сме разгалени, дека не сакаме да им подадеме рака на нашите колеги, дека се води битка меѓу класичари и џезери, вон контекст се извадија наративи од минатото за уште повеќе, непотребно да се разгорат страстите и да се изврти вистината. Денеска не’ обвинија и дека немаме основно ниво на култура, дека сме перфидни и подмолни и дека кажуваме лаги, невистини и дека се закануваме.
Ние не изнесовме ниту една лага, ниту на перфиден начин направивме било каков чекор. Перфидни беа оние кои ја донесоа одлуката позади наш грб, без претходна консултација.
Нашиот став, јасно и гласно го кажавме и на денешната прес конференција. Јавноста самата може да пресуди кој лаже, кој кажува вистина. Ние, но и пошироката јавност, точно знаеме кој ја навреди најстарата институција во земјата и нејзините вработени, јавно на социјалните медиуми, поттикнувајќи говор на омраза.
Велат дека најдобро знаеме како е да бидеш кираџија. Да, знаеме. Кога сме го користеле просторот во Драмски или во МОБ или во МНТ (бидејќи прокиснувал кровот до Домот на АРМ), не сме ја менувале адресата, и повторно сме се враќале да бидеме кираџии – во Домот на АРМ. За нас, „привремено“ – значеше 73 години. Токму затоа сметаме дека одлуката на Владата и Министерството за култура, новоформираниот Оркестар за џез музика „привремено“ да биде сместен во нашата институција е целосно несоодветна, а згора на се’- донесена e без никаква претходна консултација со управата на Филхармонија. Oваа одлука не нуди никаква опција, ниту решение, каде ќе биде сместенa НУ Оркестар за џез музика, откако „ќе застане на нозе“ и повеќе нема „привремено“ да биде сместена на наша адреса.
Отстапувањето на дел од нашиот простор за „привремена“ работа на друга институција, може да повлече отстапување на уште малку од нашиот простор за „привремена“ работа на некоја трета институција во иднина, па и на четврта, петта… Се отвора Пандорината кутија, а Филхармоничарите може засекогаш да го изгубат објектот кој го чекаа цели 73 години!
Нашата обврска е да се грижиме за овој храм, тоа им го должиме на нашите колеги, кои немаа среќа да отсвират ниту еден тон во новиот објект, но и на сегашните и идните генерации музичари кои се, или ќе бидат дел од нашиот оркестар. На крајот, сите ние сме минливи, доаѓаме, накратко се задржуваме и си одиме, но делата се оние по кои ќе останеме запаметени, а тие можат да бидат гордост или бреме.
На крајот, повторно ќе се вратиме на почетокот од овој пост – на нашата основна работа, а тоа се музиката и концертите. Утревечер, оркестарот на Македонска филхармонија ќе ја изведе Петтата симфонија на Густав Малер, грандиозно дело кое ретко се изведува на нашата концертна сцена. Ве покануваме, да дојдете на овој концерт и заедно да уживаме во магијата на музиката, сплотени во име на Уметноста!“, се наведува во објавата од Филхармонија.
Претходно министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска во објава на фејсбук истакна дека останува на дадениот зборот за изнаоѓање трајно просторно решение за Оркестарот за џез, но, како што нагласи, „не, на перфиден и подмолен начин“.
По вчерашната одлука на Владата за времено сместување на новоформираната НУ „Оркестар за џез музика“ во просториите на НУ Национална Филхармонија, закажав состанок со вработените во Филхармонија за да продолжиме со разговорот за изнаоѓање заедничко решение, но од Синдикатот немале желба да разговараат со мене, напиша денеска на својот Фејсбук профил Костадиновска-Стојчевска.
Таа напомена дека останува на зборот да ја исполни обврската за изнаоѓање трајно просторно решение за Оркестарот за џез, но, како што потенцира, не на перфиден и на подмолен начин со полувистини и со закани.
„Јас отидов на најавениот состанок во Филхармонија, но како што ми беше пренесено, од Синдикатот немале желба да разговараат со мене. Останувам на зборот дека ќе ја исполниме обврската да изнајдеме трајно просторно решение за Оркестарот за џез, но не на перфиден и на подмолен начин со полувистини и со закани. Како министерка за култура, но пред сè како човек, не можам да дозволам, а уште помалку да го разберам ова ниво на некултура, особено не на дел од уметниците, кои до пред некоја година беа добредојдени во неколку институции од културата додека да го добијат заслужениот дом“, пишува министерката на Фејсбук.
Директорката на Филхармонија, Тина Иванова денеска на прес-конференција посочи дека не го поддржуваат сместувањето на новоформираната национална установа „Оркестар за џез музика“ во објектот на Филхармонија, бидејќи „се создаваат услови за едни на сметка на нарушени услови на други“.
Од Синдикатот на Филхармонија одбиваат средба со министерката, доколку не бидат исполнети нивните барања да се најде друго просторно решение за Џез оркестарот. Тие најавија јавни протести доколку не се промени одлуката веќе на наредната владина седница.
Ј. Ѓ.