Шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албареш денеска ја започна турнејата низ Србија, БиХ, Албанија и Северна Македонија со цел да им каже дека, откако Шпанија ќе го преземе претседавањето со ЕУ на 1-ви јули, ќе ги поддржи нивните напори да се приклучат на блокот од 27 земји.
„Преку турнејата низ Балканот, тој ќе го пренесе обновениот интерес на Шпанија за регионот и волјата да го поддржи пристапот на овие земји во ЕУ и ќе им ги претстави главните карактеристики на шпанското претседателство со ЕУ“, стои во соопштението на шпанското Министерство за надворешни работи објавено денеска.
На 1 јули Шпанија од Шведска ќе го преземе шестмесечното ротирачко претседавање со Советот на ЕУ. Албареш за време на неговата турнеја низ Југоисточна Европа ќе потпише меморандум за разбирање со секоја од четирите земји со цел зајакнување на соработката во процесот на европска интеграција.
Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и Северна Македонија имаат статус на кандидати за влез во ЕУ, клуб на земји на кој последен пат се приклучи Хрватска во 2013 година. Во последните десет години ЕУ не се прошири, згора на тоа, Обединетото Кралство си замина.
Србија ќе биде првата станица на шпанскиот министер каде ќе потпише меморандум за разбирање со српската министерка за евроинтеграции Тања Мишчевиќ.
Албареш утре од Белград заминува за Сараево, главниот град на Босна и Херцеговина, каде меѓу другото ќе ја посети библиотеката изградена со поддршка на Шпанија.
Тој во петок ќе престојува во Тирана каде ќе се сретне со албанскиот министер за надворешни работи, а истиот ден во Скопје ќе се сретне и со македонскиот МНР, Бујар Османи.