Премиерот Димитар Ковачевски во „РЕК Битола”, заедно со министрот за економија Крешник Бектеши, со генералниот директор на ЕСМ Васко Стефанов, раководството на РЕК, раководители, вработени во енергетските капацитети, во присуство на медиумите го означи крајот на грејната сезона за оваа година.
На настанот беа доделени благодарници за вработените кои неуморно работеа во услови на најголемата светска енергетска криза, која светот ја памети по Втората светска војна.
„Го зголемивме домашно производство и ЕСМ наместо законски предвидените 60% производство на електрична енергија, во целост, односно 100% обезбеди струја за домаќинствата и за малите потрошувачи. Паралелно, го презедовме греењето со топлинска енергија во главниот град Скопје и таму обезбедивме непречено снабдување со електрична енергија. Ова беа првите стратешки оперативни чекори кои се направија од Планот за справување со енергетската криза.
Сигурна, стабилна и континуирана испорака на електрична и топлинска енергија беше фокусот во Планот што го изработи и спроведе Економско-енергетскиот тим.
Сега кога завршува грејната сезона, можам само да бидам горд на резултатите кои ги постигнавме и на заедничкиот успех: Кризата ја претворивме во можност“, вели Ковачевски.