Претседателот Стево Пендаровски, утре – 25 април 2023 година, вторник, ќе се обрати на отворањето на научно-технолошката конференција „Традиционалните индустрии и креативните сектори испречени на патот на економската криза” што ќе се одржи во хотел „Мериот” со почеток во 10:00 часот.
Конференцијата е во организација на Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија во соработка со „Македонија 2025″. Во рамки на конференцијата ќе бидат одржани две панел – дискусии на теми „Раст на бизнисите низ инвестиции во научно-технолошкиот развој и иновации – улогата на државата” и „Поврзување на бизнисите со иновациите и технолошкиот развој преку образованието и образовните политики”.
Покрај претседателот Пендаровски поздравни обраќања ќе имаат Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, и Мајк Зафировски, ко-основач и член на Одборот на директори на „Македонија 2025″.
Панелисти на конференцијата се Регина Самер, директорка за стратешки партнерства и политики при шведски инкубатор и научни паркови, Роберт Доер, претседател на Институтот за претпријатија од САД, Весна Ивановска, генерален директор на центарот за едукација и развој и програмски менаџер на Сивус Акцелераторот, Владо Димовски, професор на Факултетот за бизнис и економија при Универзитет во Љубљана, Славко Габер, професор по социологија на образование на Педагошкиот факултет при Универзитетот во Љубљана и поранешен министер за образование, Глигор Бишев, универзитетски професор и член на Надзорниот одбор на Шпаркасе Банка, Александра Наќева Ружин, професорка на Американ колеџ во Скопје и поранешна амбасадорка на Северна Македонија во Шведска и Менди Ќура, претседател на Стопанската комора на Северозападна Македонија.