Претседателот на здружението „Цар Борис Трети“ од Охрид, избришано од Централниот регистар на Северна Македонија, Томе Блажески, на 28 април е повикан во обвинителството во Охрид како осомничен за „предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост“ и поради „исмејување на македонскиот народ“.
Здружението „Цар Борис Трети“ во Охрид на својата Фејсбук страница објави дека Блажески е повикан во обвинителството. „Честито 1948… Можеш да бидеш се, но не и Бугарин!“, напишаа од здружението.
Пријавата против Блажески е поднесена од Еврејската заедница во земјава.
„Жалам што овој фашистички наратив или овој антисемитизам се шири денес, во 2023 година, со невидено темпо и ги запалува масите во Бугарија и Македонија, тоа не е во ред. И ние во Македонија, не можеме да дозволиме враќање на историјата и повторно будење на фашизмот преку пропаганда на соработниците на Хитлер“, изјави Пепо Леви, претседател на Еврејската заедница во Северна Македонија.
За поттикнување ксенофобија и расизам сослушан е и претседателот на здружението „Ванчо Михаилов“ од Битола, Љупчо Георгиевски.
Двете здруженија беа избришани од Централниот регистар на Северна Македонија откако ова го препорача Комисијата за асоцијативни имиња.