Косовскиот премиер Албин Курти денеска во Приштина оцени дека Косово во дијалогот со Србија е конструктивно и креативно и додаде дека би сакал да го забрза процесот на дијалог и да ги спроведе постигнатите договори.
„Вложуваме напори да создадеме доверба меѓу партнерите. Сите земји имаат право да го следат европскиот пат. Би сакале да го забрзаме дијалогот и да ги спроведеме досега постигнатите договори. Треба да ја споменеме целата работа што ја направија Приштина и Белград, сите тие се главни компоненти за постигнување стабилност“, нагласи Курти на конференцијата „Иницијатива за балкански дијалози“, пренесува Бета.
Според него, средбата на 2 мај завршила позитивно, имало договор за изјавата за исчезнатите лица, додавајќи дека итно се занимавале со ова прашање бидејќи семејствата предолго чекале.
„Косово ги прави вистинските чекори на патот кон Европската Унија“, рече Курти, пренесува Бета.
Владата на Косово најави средба меѓу премиерот и амбасадорите на ЕУ и на големата петорка акредитирани во Косово.