Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска не очекува дека издавањето на граѓанската обврзница што ја најави Министерството за финансии ќе има позначајни ефекти врз банкарскиот сектор.
– Со оглед на најавата дека станува збор за издавање на обврзница во износ од 50 милиони евра во денарска противвредност сепак тоа е исклучително мал износ во споредба со депозитниот потенцијал во банкарскиот систем којшто тековно изнесува околу 8 милијарди евра така што не би се очекувало дека тоа би имало некои позначајни ефекти врз банкарскиот систем, изјави денеска гувернерката, одговарајќи на новинарски прашања по презентирањето на пролетните макроекономски проекции.
Министерот за финансии вчера на брифинг со новинарите најави дека од јуни годинава се планира воведување на граѓанска обврзница, која ќе биде со рочност од две години, а нејзиниот минимален износ ќе биде 10.000 денари. Граѓаните ќе можат и пред истекот на рокот да тргуваат со неа на Македонската берза доколку им се потребни парите. Преку овој инструмент државата планира во Буџетот за 2023 година да инкасира 50 милиони евра. Каматата се уште не е дефинирана, но таа, како што најави министерот, ќе биде повисока отколку кај депозитите во банките, а пониска од каматата доколку државата се задолжи во странство. Овој инструмент, како што кажа, ќе биде присутен на пазарот секоја година.