Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Не е тајна дека во една друга темпоралност, Скопје е еден од градовите во кои ги поминав моите формативни години. Што во Скопје правев на 16 години? Уживав, се дружев, љубев и, може ли да замислите (?) – играв кошарка.
Скопје е мојот прв вистински град во мојот живот, град во вистинска смисла на зборот. Град што ги дефинираше моите мисли, моите зборови и моите „когниции“. Кога се соочив со Скопје, повеќе немав страв од градови. Следните градови во кои се обидов да живеам беа Сплит, Нови Сад и Белград, ама тоа е една сосема друга приказна за која денес нема да зборувам.
Имено, не ретко, ако не и секојдневно, сите ние сме се соочиле со луѓе примитивци кои реално се плашат од градови. Се чини дека испаничените градорушители чувствуваат презир према сè што е градско, урбано, што значи дека градорушителите ги презираат семантички сложените серии на духот, моралот, говорот, стилот, вкусот…
Зборот „урбанитет“, уште од 14-от век до денес, во најважните европски јазици означува секогаш исто: префинетост, култивираност, одмереност, вибрантност, енергичност, артикулираност, усогласеност со мислите и зборовите, зборовите и чувствата, чувствата и движењето… итн. Па кога некој не може да се соочи со законите на урбанитетот, најлесно му е урбанитетот да го – задави/претепа/отруе.
Денес, со градоначалничката на Скопје, Арсовска, ви велам (и се плашам), дека на Скопје му се случува токму тоа: урбанитетот се дави, гуши и труе. Оти градовите не се рушат само од надвор, физички, туку сметам дека градовите можат да се рушат и од внатре, духовно. А ова последното ми се чини дека е извесно.
Ако ги земеме аналогиите од претходниот градоначалник Шилегов, па ги споредиме со овие денес на Арсовска, ќе видиме една стравична разлика.
Шилегов завршуваше урбанитетски проекти: сообраќајници, булевари, мостови, кејови, зелени кровови… Администрацијата на Шилегов, како што велат советниците на СДСМ, оставиле и цели 13 милиони евра во градската каса. На крајот на краиштата, урбанитетот на Шилегов, неговата артикулираност, неговите зборови и мисли, проектите за градот, од, на пример, урбанитетот на Арсовска, нејзините проекти, тоа ви е, да ми простите, како да ја читате повторно легендата за Содома и Гомора. Уште ако и падне на памет на Арсовска и малку расно да го прочисти Скопје, за што не би ме изненадило ако се одлучи и на таков гест, со урбанитетот на Скопје ќе заврши страшна работа. Дури, ако сака, Арсовска може да најде и теориска подлога за нејзините национални проекти, ако „градските“ Микенци за теорија воопшто ги заболе нивниот „уд“.
Луѓето кои во Скопје живеат, велат дека градот е во невиден хаос. Најновата вест е дека градската сметка е блокирана. Ако сметката е блокирана, за што, ќе ве замолам убаво, ние овде зборуваме? За каков урбанитет може да стане збор, ако противниците на Арсовска, уште ги нарекуваат космополитска и анационална „багра“?
Каде се проектите на Арсовска, каде е урбанитетот на градот?
Освен ако за урбанитет се подразбира перманентни кавги со „некои луѓе кои Арсовска ги разобличи“? Можеби и ги разобличи, ама Скопје е многу повеќе од неколку луѓе, Скопје е повеќе и од сите нас. И наместо да ти биде привилегија да бидеш прв човек на Скопје, со сета негова симболичка сила што градот ја поседува, ти од Скопје правиш прчварница во која живеат нервозни и несреќни луѓе.
Таа „скопска несреќа“ денес се чувствува и во малите места, се чувствува и во внатрешноста. Оти знаете како: свинштините во центрите предизвикуваат пукања и на рабовите. Само овие работи да ги знаеш, да ги поимаш во својата свест, тебе ќе ти треба многу повеќе од општата стихија која те лоцирала за да бидеш прв човек на град Скопје.
Или можеби идејата на Арсовска е не само скопјани, туку од сите нас да направи мајмуни?
Затоа мојата грижа, кога зборувам за Скопје, мојот прв формативен град, е на три нивоа: како да се сочува урбанитетот што го красеше Шилегов и за кој се бореше, и да не дозволиме од нас да направат мајмуни!