Пратениците на еднодомниот парламент (Сејм) на Летонија денеска ќе гласаат за нов претседател.
Актуелниот шеф на државата Егилс Левитс не се кандидира за втор мандат и ќе ја извршува функцијата до 8 јули, јави ДПА.
За највисоката државна функција во републиката има тројца кандидати. Во конкуренција за функцијата се 42-годишната Елина Пинто, експерт за јавна администрација и активистка на летонската дијаспора во Европа, 66-годишниот архитект, бизнисмен и политичар Улдис Пиленс и 49-годишниот Едгарс Ринкевичс, министер за надворешни работи во сегашниот кабинет.
Според аналитичарите, ниту еден од кандидатите нема доволно поддршка во Парламентот.
Претседателот се избира со апсолутно мнозинство од гласовите на пратениците (51 глас од 100) за мандат од четири години. Доколку во првиот круг не се утврди победник, истиот ден може да се распише второ гласање со учество на првите двајца кандидати.
Доколку и тогаш не биде избран претседателот, повторно ќе започне процесот на номинација, а изборите ќе се одложат за следниот месец.
Претседателот на Летонија има ограничени овластувања. Тој е претставник на државата на меѓународната сцена и врховен командант на вооружените сили, има право да помилува, да предлага кандидат за премиер, може да свикува и одржува вонредни состаноци на Владата. Шефот на државата има право да спроведува законодавна иницијатива и да ги врати на ревизија законите усвоени од Сејмот.