Шпанија е првата европска земја која го донесе Законот за сексуално и репродуктивно здравје, со кој на жените од 1 јуни годинава им се овозможува правото на менструално отсуство од работа. Овој закон беше усвоен од шпанскиот парламент во февруари годинава, кој на лицата со менструални болки им овозможува отсуство од работа со одобрение издадено од лекар.
Времетраењето на менструалното отсуство е ограничено на три дена, со можност за продолжување од пет работни дена и кое ќе можат да го користат жените кои имаат силни грчеви, мачнина, вртоглавица и повраќање, објави Јуроњуз. Траењето на отсуството зависи од тоа колку жената има болни менструации, а трошоците за отсуство ги покрива државата.
Со усвојувањето на ова право во Шпанија се очекува да се помогне во разбивањето на стереотипите и митовите кои и понатаму ја табуизираат темата за менструацијата и го отежнуваат животот на жените. Со новиот закон, во Шпанија се воведоа и бесплатни производи за женска хигиена во одредени јавни објекти, како што се образовните установи и затворите.
Шпанскиот закон кој беше усвоен во парламентот во февруари годинава му овозможува на секое лице кое има над 16 години право на абортус, но и право да го промени својот пол во личната карта.
Извор: Мета.мк