Европската Унија треба да има мотивирачки пристап кон земјите кои си ја имаат напишано домашната задача. Ние како земја ги имплементиравме бараните реформи во енергетиката и го спроведовме пакетот на директиви и регулативи од Третиот енергетски пакет и затоа треба да добиеме поголема финансиска стимулација која ќе се насочи кон инвестиции кои, пак, ќе донесат стабилна цена на струјата.
Ова го порача претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) и претседател на Бордот на регулатори на земјите членки од Енергетската заедница, Марко Бислимоски на 28. Форум за електрична енергија на Енергетска заедница што се одржува во Атина, Грција.
На панелот посветен за мерките кои треба да следуваат по енергетската криза и како да се намали побарувачката за електрична енергија Бислимоски посочи дека ЕУ треба да оддели позначајна сума на финансиска помош за земјава, затоа што се имплементирани сите таргети од третиот енергетски пакет.
Бислимоски ги претстави и придобивките од воведувањето на реформата на тарифниот систем – блок тарифите, што резултираше со рационално користење на електрична енергија и заштеда од 16 отсто кај домаќинствата. Посочи дека граѓаните беа партнери во борбата со енергетската криза, што влијаеше и цената на струјата и парното да останат стабилни. Домаќинствата, како што кажа, возвратија со рационалното користење на енергенси во време на енергетска криза, водејќи се од принципот кој се промовираше со воведувањето на блок тарифите – оние кои што трошат помалку, плаќаа и помалку.