ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
На митингот на приврзаниците на власта во Белград, минатиот петок (26 мај), во време на библискиот дожд, немало само македонски автобуси, па и со косовски таблички, туку и еден бугарски, на кој стоело – „Случаен превоз“. Тоа е адекватно на она што кај нас се подразбира под „Слободен превоз“, ама ете паднало во очи. Дали е навистина случаен?
Како да се одржала седница на Информбирото
Веројатно, би помислиле дека гостите во автобусот мислеле дека одат на концерт на Цеца, па го згрешиле денот или дошле претходно и останале, таму крај некогашниот хотел „Метропол“. Ги привлекле бесплатните сендвичи можеби… Во секој случај, асоцијацијата е дека малку по малку, тој ден, најавен како „најголем митинг било кога одржан во градот“ како да нѐ враќа во драматичната 1948 година, кога во Белград требало да се одржи состанок на Информбирото, значајна идеолошка закачалка, каде стојат знамињата на целиот источен, комунистички блок.
Градот Белград е избран, бидејќи, тогашна Југославија била сметана за најблиска по идеолошкиот капацитет до Кремљ, била единствена држава на истокот на Европа која имала силен и автентичен антифашистички отпор и дала најголеми жртви (1,8 милиони!). Има ли тука денес некои сличности со ситуацијата која претходела на позната Резолуција насочена кон Тито и Југославија? Па постојат претставници од многу средини тој ден во Белград, ама рускиот интерес е доминантен!
Дали сето тоа нема сѐ посилен, само навидум индиректен, рефлекс и за Македонија, каде изборот „Исток – Запад“ е крајно заострен, манифестирајќи се низ обидот на ВМРО-ДПМНЕ да ги заострува навидум односите со Бугарија, а всушност копа гроб на нашата перспектива за опстанок, што на крајот оди директно во корист на агендата на радевци во соседството. Впрочем, како и многу пати во историјата кога е во прашање оваа партија!
Охрабрениот Путин
А како илустрација да видиме што се случува околу нас. Како се редат настани кои го охрабрија Путин да рече дека „некаде во Европа очекува нова војна“? За тоа јасно проговори и познатиот руски опозиционер, богатиот Ходоровски.
Во изминатите недели, Вучиќ сосема јасно кажа дека масовните протести во Белград се резултат на дејствувањето на западната инструктажа, повикувајќи се, сосема јасно, на информации на шпионските мрежи на Русија. Во неговото лавирање „Исток-Запад“ овој пат, загрозен со досега најжесток притисок на граѓаните за промени, го сопре клатното кога тоа е во правец на Москва. И ќе остане така сѐ додека е во прашање неговата лична потреба да биде на власт.
Ова се случува кога во руската престолнина боравеше Милорад Додик, кој со години е најекспонираниот претставник на српскиот народ кај најмоќниот „словенски брат“, како што самиот се нарекува лидерот на Република Српска. Не е на одмет да се спомене дека друштво му правеше претседателот на партијата која сака да ги изразува „најавтентично“ интерсите на Србите во Македонија – кумановецот Иван Стоиљковиќ. И тој присуствуваше на т.н. Безбедносен форум во Москва.
Претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија е пратеник од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, а во таа групировка беше и директорот на српската Безбедносна-информативна агенција, Александар Вулин. Највисоката личност од руската власт, кој беше нивен домаќин е моќниот шеф на Советот за безбедност на Русија – Николај Патрушев.
Ова не значи дека сенката на Путин не висеше над собирот, бидејќи на безбедносниот форум со видео-обраќање (!) настапи и рускиот претседател, кој истакна дека Русија и нејзините сојузници ќе успеат во намерата да се изгради поправеден свет и дека јакнењето на стабилноста во светот е единствена алтернатива на „западните санкции“.
Путин го прими лично само Додик, како највисоко ниво на идолопоклонството кон него од некогашна Југославија. Меѓу нив двајцата имаше маса од средни димензии, која го симболизира личниот однос на претседателот – домаќин кон посетителите. Да се потсетиме, Макрон се најде на маса долга можеби и десет метри меѓу него и Путин, а на заедничко канабе господарот на Кремљ седеше само со белорускиот претседател Лукашенко, како најверен и најбитен сојузник).
Да се вратиме сега назад на Балканот. Со дилемата – дали средбата на приврзаниците на Вучиќевите и Путиновите политики во Белград успеа? Особено во проширувањето на судирот меѓу Вучиќ и белграѓани со надворешни елементи? Да не го заборавиме присуството на дел од членовите на Српска листа од Косово во Белград на контра-митингот на Вучиќ.
Присуството на бројните автобуси со косовски регистрации, се разбира, не би бил можел да се изведе во толкав број било каде во Србија без дозвола на властите во Приштина. Курти лесно би можел да испрати сообраќајна полиција која би нашла излижани гуми, нерегулирани документи за превозни средства за користење во меѓународен сообраќај и слично, но тој секако имал свои причини да ги испразни српските населби од најогнените приврзаници на Вучиќ и тие ги немаше дома токму во време кога на Косово беше најжестоко.
Ниту Радев не е без ангажман
Конечно и настаните во Софија, каде претседателот Радев, со јасна проруска провиниенција, правеше сè за да не успее речиси готовата коалиција за владеење во Бугарија. Тоа го прави и сега – договорот за ротирачко водење на владата меѓу двете партии креирани од западните земји (ГЕРБ и Продолжуваме со промените) е постојано миниран, за што има многу докази, бидејќи, главна цел на Радев е тој целосно да остане господар на ситуацијата во својата земја.
Тоа најлесно е можно ако одново не успее формирање на било каква Влада, па ќе се закажат нови избори, кој знае кои по ред, до кога тој ќе ги држи сите извршни дизгини во земјата а во меѓувреме ќе остане активен неговиот отисок врз правосудниот систем. А таа визија ќе стане актуелна особено по евентуалните следни парламентарни избори.
За тогаш се очекува најмоќната проруска партија во земјата (Преображение, односно Преродба) од својата сегашна трета позиција во Парламентот да стигне до второто место, исфрлувајќи ја најверојатно партијата на Петков од таа позиција. Тоа би бил комплетен дебакл на ЕУ и САД во нивните политики во Бугарија, бидејќи, таму „над водата“ се и претходните московски адути – Има таков народ и Социјалистичката партија кои лесно би изградиле интерес за коалицирање со засилената, од месец на месец Преродба.
На тоа би аплаудирала и амбасадорката на Русија во Софија – Митрофанова. Таа конечно би добила комплетиран „пазл“ во кој интересите на Русија се враќаат во ерата на живковизмот. Како веројатно најмоќен претставник на Кремљ во регионов, таа секако ќе смета дека ги остварува руските стремежи и во Македонија. Јасни се подземните, па и надземни инсталации.
Сепак, има и пресврт
Во политиките на Балканот секако има и други чинители. За среќа. Еве како сега стојат работите. Во Бугарија, коалицијата ПП – ГЕРБ успеа. Ова секако веднаш ја намалува „берзанската цена“ на Митрофанова. Јасно, силните проруски струи кај источниот сосед ќе се обидуваат сè уште да покажуваат активности. Симнувањето на имунитетот на Петков како иницијатива оди во таа насока – правосудството се јавува за да продолжи со проблемите на партијата Продолжуваме со промените, но Петков вели дека самиот ќе се откаже од имунитетот. Еден класичен политички аперкат.
По свртување на тркалото на среќата на Митрофанова во тек е средувањето на проблемите во Северно Косово – војниците на КФОР влечат јаже со претставници на локалното српско население, како знак на надминување на непријателствата на теренот; високи претставници на западните земји – Ескобар и Лајчак, откако му одржаа лекција на Курти во однос на неговите ескиважи околу прашањето на ЗСО и му дадоа конкретни задачи, заминаа во Белград со сосема јасна цел – да го потсетат Вучиќ да го избрише наративот „Косово е Србија“.
Она што се чини дека беше некој вид на последна желба на домаќинот се исполни – да нема заедничка прес конференција. Што се крие зад ова? Веројатно она – ќе сторам сè, не нè чепкајте во гордоста… Инаку, во Белград се забележува и некаква консолидација за отворање дијалог на власта со опозицијата, како замена за постојаните, но по малку и заморувачки и нецелисходни масовни протести на населението, што можеби се должи и на дувањето на некои ветерчиња што секако не се од источниот правец.
Веќе имаме два згаснати огна кои беа дел и од пиротехничкиот аресенал на Кремљ. Останува да се види завртувањето на внимание кон БиХ и Северна Македонија како што е евидентниот концентриран притисок врз проблематичните рушители на регионалната стабилност. За Додик, Мицковски и нивните камарили доаѓаат денови на искушение.
Извор Цивил Медиа