„По вчерашната средба имаме нови околности на политичката сцена во земјата. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, јавно кажа дека ВМРО-ДПМНЕ не е против уставните измени. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ де факто го променија ставот, прифатија уставни измени и прифатија учество во Влада за европска иднина на паритетна основа, со ист број на министри“, изјави на прес-конференција, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
„Дури и условот ДУИ да не биде дел експресно беше прифатен од страна на ДУИ, само да не се измислуваат нови и нови услови.
Од друга страна прифатено е барањето измените на Уставот да важат одложено, односно од денот на одржувањето на втората меѓувладина конференција.
Барањето за избори што понатаму ќе ги спроведе заедничката влада исто така е прифатено.
СДСМ како одговорна, државотворна партија повторно покажа државнички капацитет и уште еднаш потврди дека иднината на граѓаните и интересот на државата се на прво место.
Сега врз основа на новите околности на политичката сцена потребно е дијалогот да продолжи.
Македонскиот јазик и македонскиот идентитет се целосно заштитени.
Преговарачката рамка во себе ги содржи сите гаранции, преговорите се одвиваат и ќе продолжат да се одвиваат на официјален македонски јазик, без фусноти и додавки, јазик рамноправен со останатите јазици на ЕУ.
Дополнително, една голема европска држава наскоро ќе донесе Резолуција со која се потврдува дека се препознава и признава недвосмислено македонски јазик, идентитет и македонска култура“, истакна Кузеска.