Да се подигне на највисоко ниво одговорноста на функционерите и административците, да се заштити земјата од злоупотреба на моќ, да се укинат управните одбори во институциите кои ги има вкупно 1 320 со 129 000 вработени, да се спречи нерегуларното користење на службените возила со воведување посебни регистарски ознаки, да се ревидираат неработните денови и да се „разбудат“ корективите на власта, порача денеска претседателот на Стопанската комора Бранко Азески.
Пред голем број претставници од бизнис секторот, науката и институциите, Азески, во третото месечно обраќање што го организира Комората, уште еднаш потенцира дека извозот мора да стане врвен национален приоритет, алфа и омега на македонската економија.
Тој констатира дека постои голема поларизација меѓу власта и опозицијата, како и дека земјава од 2006 година е во континуирана кампања што многу лошо, рече, се одразува врз бизнисот. Се осврна и на „популизмот во економските политики“, напомена дека државата не смее да му се меша на бизнисот и апелира дека секој мора да се занимава со својот домен, соодветно на функцијата што ја извршува. Неопходно е, дополни, и воведување економска дипломатија.
Азески упати порака и до европските лидери – „ако ни помагаат да ни помагаат, а не да не понижуваат“.
Претседателот на Комората ги повика сите засегнати страни да се обединат околу бизнисот „како единствен кохезивен фактор кој може да ја разбуди државата и да ја натера да излезе од нејзината конфорна зона“. Воедно потсети на Декларацијата донесена минатата година, која е вид рамковен договор за економски реформи кои би требале да се спроведат во наредните најмалку десет години. Декларацијата, рече, ја потпишаа МАНУ, сите државни универзитети и бизнис асоцијациите, треба да ја потпишат уште политичките партии застапени во Парламентот.
Клучна точка, оцени Азески, е менувањето на менталитетот.
-Тешка фрустрација влечеме, дека сме неспособни сами да си ги решиме прашањата па мора да доаѓа некој од страна да ни ја крои судбината. Тоа е исто како дома да го викаш соседот да ти ги реши проблемите, а се знае како тој ги решава. Мора да собереме сила да поведеме сами иницијатива. Изборивме 74 иницијативи за регулирање на односите на Балканот и ниедна не е наша автентична, туку е од надвор. Постои и голема поларизација меѓу власта и опозицијата – видовте вчера, не можеме да разберме за што беше разговарано, „два месеца, три месеца, со ДУИ, без ДУИ“, јас не можам да разбреам што 40 години се занимавам со ова, па не обичниот граѓанин, истакна Азески.
Тој подвлече дека извозот мора да стане врвен приоритет.
-Оваа економија без извоз не може да издржи. Доста е од поделби, да се обединиме околу бизнисот ако тој е единствениот кохезивен фактор за да излеземе од ситуацијата во која се наоѓаме. Да склучиме договор со државата за да се регулираат односите меѓу неа и приватниот сектор. Она што ни се случува со мешањето во работите, го уништува бизнисот. „Нема да работите во недела, толку ќе ставате маржа, толку ќе плаќате минималец,…“ Се што се прави се прави за ограничување на самостојноста на субјектите кои создаваат и така не можеме да излеземе од ситуацијата. Извозот мора да се дигне на пиедестал. Да се воведат посебни таблици за службените возила. Службените возила во сабота и недела ви се наоѓаат по нивите, по швалерај и не знам каде за недозволени активности. Ќе заштедите и тие пари ќе ги дадете за извоз. Пари ќе се заштедат и со укинување на сите управни одбори во државните претпријатија, државни органи, заводи, институции, агенции кои во моментов се 1 320 институции со 129 000 врабтени, наместо политика да се направи економска дипломатија. Имам порака и до европските лидери кои ни наметнуваат решенија. Тие во пракса многу пати направија преседан на малите земји. Ние во нив гледаме надеж, но и преседани кои беа направени на штеа на малите земји во интрес на големите. Затоа, треба јасно да им порачаме, ако ни помагаат да ни помагаат, а не да не понижуваат, рече Азески.
Според него, еден од проблемите е и што не постои лојалност кон државата.
-Очекуваме, како бизнисмени, еднаш во три или шест месеци да ни се каже визијата на државата за ние да го следиме тој процес. Мене не ми треба премиерот да излегува по шест пати и да коментира работи кои не би коментирал ни заменикот на помошникот на потсекретарот на Министерството за локална самоуправа. Мора секој со својата одговорност и габарит да ги постави работите. Мене ме интересира дали јас вам ќе можам да ви кажам дека можете слободно да ги продолжите бизнисите и инвестициите со Бугарија зашто тоа ќе го направиме и покрај политичките процеси. Бараме таква личност, не да се зборува за локалните проблеми, за тоа нека зборуваат општините. Исто така, популизмот во економските политики, се е врзано со изборите кои најчесто се предвремени, а кампањите траат континуирано. Ние сме од 2006 континуирано во кампања, немаме одржано редовни избори. Се ова го дрма системот во основа и мора да го надминеме ако сакаме раст на извозот како краен производ кој ќе ни овозможи повисок стандард и вклучување во евроинтеграциите, нагласи претседателот на Комората.
Азески, кој е и претседател на Националниот совет за извоз, зборуваше на темата „Извоз, Извоз, Извоз!”. Негови гости беа академик Гоце Петрески, професорот од Економски факултет – Штип и претседател на Клубот на извозници при Комората Дарко Лазаров, професорот на University College London UCL Славо Радошевич, претседателот на Белгиската стопанска комора Оливер Вилокс, извршниот директор на Тиквеш АД – Кавадарци и потпретседател на Клубот на извозници при Комората Радош Вуќикевиќ, како и генералниот директор на компанијата „Актива” Штип Иле Николов.