Косово и Србија имаат договор за нормализација на односите што мора да го спроведат, изјави косовскиот премиер Албин Курти на конференцијата „Европска Хрватска: ретроспектива и перспектива“ одржана денеска во Дубровник.
Во последните немири во Косово на крајот на мај беа повредени десетици мировници на НАТО и српски демонстранти од северот на Косово. Немирите се случија откако косовските власти поставија градоначалници етнички Албанци во општинските канцеларии. Градоначалниците беа избрани врз основа на излезност од само 3,5 отсто, откако мнозинството Срби во тој регион ги бојкотираа локалните избори.
Курти истакна дека на Косово „потребно му е владеење на правото и датум за избори“ и додаде дека во меѓувреме Косово може да го намали присуството на специјални полициски единици доколку „насилните екстремисти“ престанат со немирите.
САД и ЕУ го повикаа Курти оваа недела да ги отстрани градоначалниците од функцијата и специјалните полициски единици кои помогнаа да се инсталираат во северните општини.
– Мислам дека тоа е патот напред заедно со интензивен дијалог за имплементација на договорот и имаме договор што мора да го спроведеме, рече Курти.
Курти учествува на конференцијата „Европска Хрватска: ретроспектива и перспектива“ организирана од хрватскиот европратеник Тонино Пицула во Дубровник
– Хрватска е водечки партнер и сојузник, а Хрватска ја гледаме како многу успешен пример во контекст на членството во Европската унија и НАТО, рече премиерот на Косово.
Косовскиот премиер во Дубровник изјави дека „Европската унија е најважниот проект за мир и просперитет од Втората светска војна“ и дека се приклучиле на дијалогот со Србија затоа што е „организиран од Европската унија, што го олеснува тој разговор. ”
Ако Косово сака да се приближи до ЕУ и НАТО, ќе мора да им даде поголема автономија на општините со мнозинско српско население, изјави во вторникот американскиот претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.