Сега треба да се оди кон примена на договореното и јавно кажаното на прес-конференцијата по лидерската средба за уставните измени, а не кон толкување, што некој сакал да каже бидејќи тоа што беше разговарано беше и кажано, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на Богданци, Ковачевски повтори дека „ВМРО-ДПМНЕ прифатиле уставни измени“ и оцени дека „демантирањето или излегувањето од она што било договорено и кажано на прес-конференцијата по лидерската средба би било големо разочарување за граѓаните и за меѓународната заедница“.
-Како државнотворна партија која секогаш ги носела најтешките и најголемите одлуки за државата му даваме шанса на ВМРО-ДПМНЕ првпат да учествува во носење одлука од којашто зависи остварување стратешка цел за државата. Сега останува на ВМРО-ДПМНЕ да се приклучи кон процесот, односно да остане во процесот, бидејќи демантирањето или излегувањето од она што беше договорено и искажано на прес-конференцијата сметам дека би било големо разочарување како за граѓаните, така и за меѓународната заедница која навистина овој пат сака да ја види Северна Македонија да го продолжи својот пат кон ЕУ и до 2030 година да биде членка, изјави Ковачевски, на прашање кој од двата предлози на ВМРО-ДПМНЕ е прифатлив.
Тоа што беше кажано на прес-конференцијата, дополни премиерот, за нас е прифатливо, а прифатливо е и за ДУИ и за другите партии во нашата коалиција, ЛДП, НСДП и ДОМ. Сметам дека сега треба да се оди кон имплементација на она што беше договорено и јавно кажано, а не кон толкување што некој сакал да каже бидејќи тоа што беше кажано всушност и беше разговарано.
Ковачевски повтори ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата по лидерската средба потврдиле дека немаат ништо против уставните измени.