Пишува: ИАН БУРУМА / PROJECT SYNDICATE
На претседателот Реџеп Таип Ердоган веројатно не му се потребни гласовите на германските и холандските турски граѓани за да победи на неодамнешните претседателски избори во Турција. И покрај тоа, Ердоган го освои мнозинството од меѓународните гласови, вклучувајќи речиси 70% од гласовите во Германија и Холандија. Со оглед на тоа дека не сите Германци или Холанѓани со турско потекло гласаат на турските избори, таквите статистики треба да се третираат внимателно. Но, десничарскиот турски национализам се чини дека има силна привлечност кај граѓаните со двојно државјанство. А таквите прекуокеански националисти имаат тенденција да бидат гласни во однос на нивните убедувања, возејќи низ германски градови свирејќи со колите и извикувајќи политички слогани.
Овие демонстрации имаат призвук на презир, силен вид на идентитетска политика и функционираат како знак на мнозинската популација дека етничкото малцинство исто така имаат глас. Но, тие исто се и приказ на еден поширок тренд: одредени членови на имигрантските заедници имаат тенденција да бидат поекстремни кога станува збор за политиката на нивните земји на потекло отколку граѓаните кои сé уште живеат таму.
Калистански сепаратисти кои повикуваат на независна земја на Сиките во Пунџаб, на пример, се некогаш погласни во Канада или Обединетото Кралство отколку во Индија. Слично, Ирската републиканска армија доби дарежлива финансиска помош од Американци со ирско потекло, Хинду националистите цветаат во некои делови на Британија, а радикални Исламисти имаат најдено плодна почва за регрутирање во западноевропските градови. Додека ова делумно е одраз на поголемата политичка слобода на Западот, други фактори, исто така, објаснуваат зошто некои имигранти од втората генерација се привлечени кон десничарскиот национализам.
Општо објаснување е релативниот недостаток на интеграција на не-западните и не-христијанските малцинства родени во Европа. Ова често се препишува на нетрпеливоста и предрасудите на мнозинското население. Или вината може да падне на свештеничките екстремисти кои испраќаат радикални, па дури и насилни пораки по џамии или други религиозни места.
Може да има одредена вистина во ваквите аргументи. Не е ниту ново, ниту изненадувачки што на некои имигранти од втората и третата генерација од земји со мошне различни културни и верски традиции им е тешко и понекогаш понижувачки да се прилагодат, приспособат или асимилираат. Но, овој проблем е надополнет со уште поголемото чувство на отуѓеност што многу имигранти го чувствуваат кон земјите од каде што потекнуваат.
Во мојата книга од 2007 година Убиство во Амстердам, ја истражував приказната на Мохамед Бујери, син на марокански имигранти роден во Холандија. На почеток, Бујери се чинеше дека е совршено интегриран имигрант од втора генерација, кои сакаше фудбал, пиво и рок музика. Но, низа лични неуспеси го одведоа Бујери на радикален пат, трансформирајќи го во исламистички револуционер кој го убива Тео Ван Гог, истакнат холандски критичар на исламот, во 2004 година. Тој се чувствуваше како презран аутсајдер во неговата родна земја, но при едно патување во мароканското село на неговите родители тој сфаќа дека и таму никогаш не би можел да се вклопи.
Особено екстремен облик на исламизам, распространет преку онлајн мрежа на револуционерни вебстраници на англиски јазик, му даде на Бујер чувство на гордост и припадност. Иако се чувствуваше отуѓен и од Холандија и од Мароко, тој најде заедница кај група на бесни, одмаздољубиви отфрлени луѓе, кои ќе му покажат на светот дека треба да бидат земени во предвид – преку насилство, доколку е потребно.
Оваа отуѓеност може да предизвика голема штета, со влијание врз имигрантските заедници во земјата и политичката динамика надвор од земјата. Иако екстремистите секогаш претставуваат малцинство, нивните постапки фрлаат сенка врз нивните заедници. Секој чин на исламистичко насилство, на пример, става непотребен притисок врз мирните муслимани, вклучително и на оние кои никогаш не стапнале во џамија, принудувајќи ги да докажуваат дека не се во сојуз со терористите.
Радикалните експоненти на верски или етнички малцинства се природно поактивни од повеќето луѓе кои само сакаат да бидат оставени на мира и да продолжат со нивниот живот. А понекогаш радикалите се однесуваат како да се претставници на нивните различни заедници. Во 2004 година, на пример, Гурприт Каур Бати, британски драмски писател со Сики потекло, доби смртна закана и беше принудена да се крие откако напиша драма за насилство во храм на Сиките. Откако беше откажана изведбата на закажаната претстава, гласноговорникот на демонстрантите тврдеше дека тоа е победа за заедницата на Сиките. Токму на таквите неизбрани гласноговорници им се обраќаат национални и локални политичари, иако активистите и демонстрантите можеби воопшто не ги претставуваат ставовите на т.н заедници.
Повеќето Сики, Хиндуси, Курди, Турци и членови на други малцинства не се екстремисти или етнонационалисти. Но, повеќето млади луѓе, кои не се чувствуваат како дома ниту во нивните родни земји, ниту пак на било кое друго место, ја разгоруваат предрасудата и агресијата кај мнозинското население и ги поддржуваат богатствата на екстремистичките движења во земјите што своите родители или баби и дедовци ги напуштиле.
Ердоган е препреден и циничен политички стратег на кој не му е потребно диплома по социологија за да ги препознае проблемите со кои се соочуваат имигрантите во Европа. Тој знае дека неговите фантазии за отоманска величина и апели за верска и етничка чистина одекнуваат кај имигрантите кои се борат со кревки идентитети, поради што ги повика турските граѓани во странство да се спротивстават на асимилација. Ова веројатно го прави животот на имигрантите полош, но помага Ердоган да биде реизбран. А тоа е и поентата.
Превод: Наташа Цветковска