Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска отпатува за Женева, Швајцарија, каде што учествува на 111-тата Меѓународна конференција на трудот, која е највисокото тело за одлучување на Меѓународната организација на трудот, чијашто членка е и Република Северна Македонија.
Секоја година во јуни, оваа конференција ги собира трипартитните делегации од 187 земји-членки на Организацијата.
Делегацијата на Република Северна Македонија, ја предводи министерката Тренчевска и согласно правилата на МОТ, делегацијата е составена од два делегати на Владата и по еден претставник од репрезентативниот синдикат на национално ниво и претставник на репрезентативното здружение на работодавачи на национално ниво, кои се и членови на Економско – социјалниот совет.
Делегацијата на Република Северна Македонија на оваа конференција, учествува на втората, пленарна недела на конференцијата.
На Меѓународната конференција на трудот, планирано е и обраќање на министерката Тренчевска.