Премиерот Димитар Ковачевски му нуди на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интерес на спроведување на уставните измени да ја преземе премиерската позиција во преодната Влада, брифираа денеска владини извори, иако, како што претходно е договорено премиер во следната техничка Влада, треба да биде Албанец. Ковачевски смета дека треба да остане на премиерската функција и до крај да го спроведе процесот на уставни измени, но во интерес на евроинтеграции, освен пет ресори е подготвен на Мицкоски да му ја отстапи и премиерската позиција во преодната Влада, кој потоа би го спровел процесот докрај, велат владините извори.
Постојат концепциски и процедурални разлики меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во однос на уставните измени, но на лидерската немало разговор за содржината на истите, туку за роковите кога да се спроведат.
За Ковачевски, брифираат владини извори, битна е брзината на спроведување со оглед на околностите и роковите, кои се поставени и од самата Европска Унија. За премеирот се што е надвор од Преговарачката рамка не може да се одлучува на лидерска средба, туку за тоа одлука носат сите 27 земји-членки на Унијата со консензус.
Еден од условите, кои ВМРО-ДПМНЕ го постави на лидерската е одложеното дејство на уставните измени, додека во Преговарачката рамка е наведено дека тие треба да се спроведат по завршувањето на скрининг процесот и се предуслов за одржување на втората меѓувладина конференција и отворање на кластерите. Во тој контекст Ковачевски, како што нагласуваат владини извори, смета дека треба да се искористи и наклонетоста на земите од ЕУ, имајќи ја предвид руската агресија врз Украина, за приклучување на Западен Балкан и проширување на ЕУ, што е заложба на високите официјални претставници на Унијата.