Доколку украинската контраофанзива биде успешна тоа би можело да го натера рускиот претседател Владимир Путин да седне на преговарачка маса, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг за Си Ен Ен.
Колку повеќе Украинците победуваат на теренот, толку е поголема веројатноста претседателот Путин да сфати дека треба да седне на преговарачка маса и да се согласи за праведен и траен мировен договор, истакна шефот на Алијансата, кој подоцна денеска во Вашингтон ќе треба да оствари средба со американскиот претседател Џо Бајден.
Говорејќи за Си Ен Ен за тоа кој ќе биде негов наследник на чело на НАТО, Столтенберг изрази апсолутно уверување дека сите 31 земја членка ќе му најдат одличен наследник. Тој нагласи дека сега приоритет му е да ја води Алијансата до крајот на мандатот.
Според различни шпекулации, наследник на Столтенберг би можеле да бидат данската премиерка Мете Фредериксен или британскиот министер за одбрана Бен Валас.
Бајден неодамна изјави дека Валас е многу квалификуван, но дека треба да се најде консензус во НАТО за ова прашање.
Г. Т.